Специјалната детска болница во Охрид и официјално е затворена. Од болницата веќе започна иселувањето на инвентарот кој ќе биде пренесен во детското одделение за церебрална парализа при Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо кое ќе ја преземе дејноста на детската болница.
Оваа јавна здравствена установа која годинава одбележува јубилеј 40 години од постоењето повеќе од 15 години работи со милионски загуби кои се покриваат од Фондот за здравство. Само минатата година била покриена „дупка“ во финансиското работење на болницата од 16 милиони денари.
детската болница под клуч
Според најавите ниту еден од 67-те вработени во Специјалната детска болница нема да остане на улица. Во договор со Министерството за здравство вработените ќе се прераспределат во јавните здравствени установи во Охрид и Струга.
На местото на специјалната детска болница која има над 10.000 метри квадратни атрактивен простор на брегот на Охридското Езеро во населбата Св. Стефан, најверојатно ќе се гради луксузен хотел.
Г. Момироски