Детското драмско студио при Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“-Охрид за претставата „Мачка со шапка“ од Теодор Сус Гејзел, во режија на Јасмина Билаловиќ доби Специјално признание на 52-то издание на Фестивалот на аматерскиот театар во Кочани, за осведочениот резултат во воспитанието и образованието на најмладите артисти и негувањето и развојот на театарот од деца и за деца.

Настапот на Детското драмско студио при НУ Центар за културав „Григор Прличев“ од Охрид на ДАФ Кочани позитивно беше оценет стручното жири и критиката.

-За време на претставите често ќе се сетев, дека, сите ние, денешните професионални театарџии, сме се заразиле од вирусот на театарската зараза токму во слични аматерски/љубителски игри на некоја скромна, правлива и полумрачна сцена. И токму таа мисла ме исполнува со почит кон цврстите усилби на ДАФ – Кочани, што толку многу години создава театарски празници. Среќен сум што видов три чудесни претстави што ме исполнија со длабока радост. Вистинска радост ми причинија и децата од Детско драмско студио – Охрид. Ги поздравувам раководителките за нивното правилно трасирање на патот кон артистичката природа на толку мали деца. – вели во освртот на фестивалот драмскиот критичар и член на жирито професор Здравко Митков.

На фестивалот забележителен настап имаа и учениците од драмакста секција при гимназијата „Св. Климент Охридски“ од Охрид, кои ја изведоа претставата „Домот на куклата“ во режија на професорката Ирена Бачиќ. Оваа секција пред две години освои две награди на овој фестивал.

OhridNews