Министерството за здравство, утре, ќе распише оглас за специјализација на десет македонски лекари во белградскиот Клинички центар во Србија. Заинтересираните лекари ќе можат да се пријават за специјализација во четири области, и тоа гинекологија, офтамологија, васкуларна хирургија и анестезија.

„Сите лекари по општа медицина кои работат во Јавното здравство имаат право да се пријават на огласот. Со тоа практично продолжуваме со реализација на проектот за испраќање на 70 млади доктори од Македонија на специјализација во странство“, рече министерот за здравство Никола Тодоров.

Сите трошоци за специјализација на лекарите ќе ги покрие Министерството за здравство, а повеќе информации за огласот лекарите ќе можат да добијат на веб страната на министерството.

Според Тодоров обезбедени и две нови специјализации за доктори во Клиничкиот центар во Нирнберг во Германија, каде македонските лекари ќе можат да ја завршат последната или претпоследната година од специјализацијата во овој реномиран медицински центар.

„Овој проект претставува надополнување на големиот проект за едукација на македонски лекари во странство во рамки на кој само оваа година ќе бидат упатени 1.000 лекари и друг медицински персонал од кои најмалку 800 лекари ќе заминат на едукација во медицинските центри во Европа, САД и земјите од регионот“, рече Тодоров.

OhridNews