Со показни вежби на спасување и извлекување давеници, тимови од општинскиот Црвен крст денес ги презентираа стекнатите вештини од обуките за спасување на давеници од брзи води, кои минатите денови на реката Црн Дрим во Струга се одвиваа под водство на инструктори за безбедност на вода од Операцијата Флориан.
– Како резултат на обуките, Центарот за безбедност на вода при општинскиот Црвен крст се здоби со спасители на брзи води. Вложуваме многу во нашите капацитети и нивната надоградба за да може да се одговори на сите предизвици. Оваа година се насочивме кон обука на спасители и тренери за интервенции на брзи води што недостасува во Македонија. Среќни сме што осум наши спасители и двајца тренери ќе бидат подготвени да ги пренесат своите знаења и вештини и техники за спасување на брзи води насекаде низ Македонија. Капењето на реката Црн Дрим е забрането за што има и поставено информативна табла, но тоа често не се почитува. Затоа има и несреќни случаи и давеници и поради тоа мора да има и присутни спасители, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков .
Обуката ја вршеа двајца инструктори од Операцијата Флориан , според стандардите на Велика Британија.
– Задоволен сум како протекоа обуките и убеден сум дека спасителите од Црвен крст стекнаа многу вештини со што се подготвени да спасуваат луѓе , потенцира Крис Мекгрејди, инструктор од Операцијата Флориан.
Спасителите на вода и екипите за прва помош при општинскиот Црвен крст добија и нови униформи кои се донација од фирмата German Health Care.
Обуките на Операцијата Флориан ги следеа и членови од противпожарните бригади од Охрид и Струга, претставници на граничната (езерска) полиција, членови на америкаснкиот мировен корпус во Македонија.
OhridNews