Успешна 2022 година во борбата против недозволена трговија со дрога, запленети над 2,4 тони дрога која би достигнала вкупна вредност од шест милиони евра на црниот пазар, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот профил на Фејсбук.
Меѓу запленета дрога има марихуана, хероин, кокаин, амфетамин и хашиш. Сузбиени се 12 организирани криминални групи составени од 51 член. Откриени се, напиша Спасовски, над 700 кривични дела, за кои се пријавени над 800 сторители.
Тука се и заплените на 20 тони најразлични прекурсори, со цел понатамошно производство на синтетичка дрога. Вредна за споменување е заплената од еден тон прекурсори на скопскиот аеродром од кои би можело да се произведе амфетамин во вредност од над 50 милиони евра, објави министерот за внатрешни работи на Фејсбук.
Воедно, во делот на недозволена трговија со дрога, информира Спасовски, во 2022 година е извршено најголемото уништување на запленета дрога досега, вкупно 10 тони дрога.
Продолжуваме со несмален интензитет и во 2023, порачува министерот Спасовски преку Фејсбук.
OhridNews