Се разговара со многу лица, се обезбедуваат докази, се работи интезивно во откривањето на напаѓачот во Ист гејт но сеуште е рано да се споделуваат информации. Тоа е пресметка на криминални банди кои биле создавани 30-тина години за кои се зборува многу, а никој не преземал одговорност да расчисти со нив, информираше во интервју за МИА министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за пукањето во трговскиот центар во кој се застрелани две лица.

Тоа се криминални структури коишто биле создавани 30-тина можеби и повеќе години, за коишто сите гласно зборуваат меѓутоа никој не преземал одговорност за да расчистува со нив и ова раководство тоа го направи и е решено да се расчисти до крај. Да треба многу средства, многу напори, многу енергија, тоа да се случи, меѓутоа мора да се завршат работите коишто ќе допринесат таквите криминални структури да бидат зад решетки, да бидат изведени пред лицет на правдата. Недозволиво во изминатите триесет години да имате структури коишто ги поддржуваат одредени бизнисмени, групи итн. притоа барајќи оправдание зошто практично ги поддржуваат дури и финансиски, истакна Спасовски.

Главната улога во истрагата, според Спасовски ја има Одделот за форензички испитувања.

Знаете дека објавивме фотографија од извршителот, таа фотографија ја имаме и од видео надзорот, од сите прибрани документи коишто се, и тоа е нормална постапка во криминалистичките истраги. Затоа што слушам деновиве за разно разни состојби дека некој очекува граѓаните да го утврдат лицето. Тоа се нормални криминалистички постапки коишто се превземаат се со цел да се стигне до извршителот, и најважно е да се откријат мотивите иако знаеме дека тоа се пресметки на криминалните групи. Секако дека утврдивме многу работи, се разговара со многу лица, се прибираат многу податоци, информации, докази. Меѓутоа тоа се уште е рано да може да се споделува заради тоа што ќе наштети на истрагата, истакна Спасовски.

Министерот напомена дека е важно истрагите да бидат релевантни и дека сензационалното водење на истрагите може да биде добро за медиумите но не и за истрагата.

Новата зграда за форензика при МВР кој оддел, според министерот, ја има главната улога во откривање на криминалот и криминалците е направена по сите стандарди и нуди можности за сертифицирање на многу постапки во вештачењето и во испитувањата.

Тоа ќе значи дека можеме да дадеме услуги, и за други држави, и за потреби, тоа што ние го поседуваме како експертски тим, како експертиза, како можност да го направиме. Јас сум многу горд заради тоа што успеавме да добиеме таков проект којшто целосно е финансиран од страна на ЕУ преку ИПА програмата за Северна Македонија, и на тој начин со вложување на 3,6 милиони евра се изгради таа зграда по најсовремени стандарди, и над пет илјади метри квадратни простор е сега наменет токму за Одделот за форензички испитувања, појасни министерот во интервјуто за МИА.

Информираше дека се очекува до средината на ноември да се инсталира и новиот систем којшто ќе работи за пребарување. Тоа е систем за пребарување на фингер-принт и за препознавање по лик, што за првпат се воведува како постапка во криминалистичкото работење во МВР и генерално во државата. Во дел претходната зграда на кримтехника ќе бидат сместени Одделот за дисциплински и судски постапки како и други служби кои ќе имаат потреба од поголем.

Во интервјуто министерот Спасовски посебно ја потенцираше борбата против трговијата со дрога и рече дека тоа е еден од најврвните приоритети на МВР. Информираше дека за првите девет месеци од годинава има намалување на криминалитетот за 11 проценти според истиот период во 2022 година.

Кога зборувам за најврвните приоритети тоа е врз основа на анализите и согледувањата коишто ги имаме за тоа што значи како врвен безбедносен предизвик, и сега, и во иднина на подолг рок. И тоа не е врвен приоритет само на Северна Македонија. Тоа е врвен приоритет на сите. Прво сакам да кажам за овие девет месеци од 2023 годна имаме намалување на вкупниот криминалитет во државата за 11 проценти, споредбено со истиот период од 2022 година, истакна Спасовски.

Во периодот од првите девет месеци, во делот на борбата против недозволената трговија со дрога, откриени биле 576 кривични дела, во коишто кривично се пријавени 674 сторители.

Запленети се некаде околу 304 килограми марихуана, 7 килограми амфитемини, 3,2 килограми кокаин, околу 4.000 парчиња екстази, 146 стебла канабис, околу 5 илјади таблети тромадол, 3.500 мдма итн. Знаете дека пред неколку дена исто така откривме една лабораторија за производство на канабис овде на територијата на градот Скопје. Тоа е покажува псоветеноста на највисоко ниво во однос на борбата против трговијата со дрога, нагласи Спасовски.

Во однос на организираните групи, министерот рече за овие девет месеци се пресечени три транспорти на марихуана, и сузбиени се пет криминални групи, коишто дејствувале меѓународно или национално во делот на недозволената трговија со марихуана и со кокаин, и во коишто членувале 28 македонски државјани, при што се запленети 71 килограми марихуана, и 1,5 килограми кокаин.

Меѓутоа имавме и заеднички операции со државите во опкружувањето, а при формирање на такви криминални групи заеднички настапивме во разбивањето на криминалните групи во Албанија и Грција, при што се запленети 429 килограми кокаин. Тоа се информации коишто се заеднички споделени и преку заедничка оперативна акција дојде до целосна реализација. Ќе напоменам, на почетокот на јуни оваа година Одделот за криминалистичка во рамки на меѓународната истрага со службата за борба против дрога од Солун заедно со американската ДЕА и со Селект, тоа е организација за борба против организиран криминал на ЈИЕ, заеднички работевме и се запленети тука 161 килограм кокаин на пристаништето коешто во Солун, коешто потекнува од Еквадор. Секако дека како продолжеток на оваа активност беше сузбиена и меѓународна криминална група, на почетокот на мај годнава кога исто така во Солун беа запленети 104 килограми кокаин и притоа беа лишени од слобода 10 лица од кои што седум државјани на Грција, три државјани на Албанија, а во Северна Македонија се лишени четири лица за истиот овој случај којшто го имаме, истакна Спасовски.

Според министерот и уличното дилерство е еден од приоритетите на кои МВР работи.

Ако ги погледнете извештаите или билтените на МВР, ќе видите дека скоро и да нема ден во кој што не е објавена дека улични дилери или продавачи на наркотични дроги биле уапсени при претрес низ државата по градовите. Тоа е приоритет којшто го работиме постојано во изминатиот период и тука навистина може да стане збор за една жестока борба која што ја водиме токму со овој безбедносен предизвик, потенцира Спасовски.

На прашањето за нелегалната сеча на шумите, министерот рече дека преку организирана акција на МВР, БЈБ и шумската полиција запленети се околу илјада кубни метра дрва коишто биле нелегално исечени.

Секако дека треба да се направи една добра анализа и да се види што е тоа што треба можеби да се смени во законската регулатива за да не дојдеме до ваква една состојба во која што ќе може да имаме пустошење на шумскиот фонд, рече Спасовски.

Дали има поврзаност на пироманите со бизнисите со огревни ресусри, првиот човек на полицијата вели дека најголемиот процент на пожари коишто се случувале, се случувале од невнимание но и дека не се исклучува заради некакви други причини како што се економските интереси.

Во интервјуто министерот информира дека во моментот има една селекција за полициски службеници и како позитивно го оцени тоа што од сите изминати огласи во овој најмногу се зголемува бројот на жени коишто сакаат да бидат дел од македонската полиција. Потсети дека во изминатите шест години реконструирани се 80 објекти во македонската полиција, дека после повеќе години е набавена нова опрема како и дека од како е тој министер зголемена е платата за 35 проценти.

Спасовски вели според него прво треба да се одржат претседателските избори, па потоа да се одржат парламентарните, но и дека за тоа треба да се разговара на политичко ниво, во рамките на дијалогот помеѓу партиите.

OhridNews