Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска учествуваше на панел – дискусија во рамки на Меѓународната школа за миграции насловена „Хуманитарните аспекти на мешаните миграциски текови”, што се одржува во Центарот за едукација на Црвен Крст во Струга.

Панел дискусијата се одвиваше на две теми: „Миграцијата и влијанието врз домашното население и врз јавните институции”, како и „Важноста на меѓуинституционалната соработка”. Спасовски зборуваше низ призмата на искуствата и согледувањата на Министерството за внатрешни работи во поглед на феноменот на миграцијата, како институција која што непосредно беше и е инволвирана во многу сегменти од проблематиката на миграциите.

Следствено миграцискиот бран кој во текот на 2015/2016 година ја зафати Европа, вклучително и нашата држава како незаобиколен дел од транзитниот коридор на таканаречената западнобалканска миграциска рута, сосема јасно се виде – покажувајќи низа слабости генерално во Европа – дека влијанието на таквиот, во последниве неколку децении невиден егзодус на цивилно население, е крајно сериозно врз мноштвото општествени сфери – економската, безбедносната, здравствената, хуманитарната, социјалната и така натаму”, изјави министерот Спасовски.

Тој додаде дека импактот на миграцијата врз домашната јавност и јавните институции е незаобиколен, но дали и какви ќе бидат резултатите од него најмногу ќе зависи од институционалната и јавна подготвеност, зрелост, функционалност, во давањето соодветен одговор.

Всушност, во Европа, а и кај нас, во изминатите неколку години, токму повикувајќи се на искуствата од 2015/16 година се направија и донесоа многу концепциски, нормативни и институционални новини во насока на ефикасно превенирање на негативностите и проблемите што можат да се продуцираат со миграциските токови. Дотолку повеќе што подготвеноста и успешното справување со миграциските проблеми веќе се наметнаа и како прашања од своевиден национален интерес. Речиси и да нема институција која што во својот домен на работа не е засегната, во поголема или помала мера, сеедно, од појавата на миграциските движења. Тој заклучок е неспорен, практично го доживеавме и видовме, кај нас и во Европа пред неколку години, рече Спасовски.

Министерот потенцира дека секое општество мора да биде подготвено да прави точни проценки за потенцијалите на евентуално нови мигрантски кризи, како и за потребните мерки, за институционалните и други капацитети што му стојат на располагање за да се искористат за анулирање на какви било последици по нормалното општествено функционирање и сигурноста на своите граѓани.

Во однос на втората тема „Важноста на меѓу-институционалната соработка, истакнувајќи го фактот дека во Европа, а и во Република Северна Македонија како нејзин составен дел, тргнувајќи од претходните искуства, министерот Спасовски истакна дека се дојде до заклучок дека миграциите не се ексклузивно национален проблем и дека справувањето со нив мора да оди преку една поширока хармонизирана нормативна рамка на ниво на Европската Унија, секако со уважување на различностите од аспект на миграциските фактори – како земји на транзит, земји на крајни дестинации и слично.

Од аспект на Министерството за внатрешни работи, ние изминативе години согласно своите организациски, кадровски и финансиски капацитети и во тесна соработка со нашите партнери од ЕУ и САД успеавме во повеќе сегменти да ги подобриме активностите, особено во делот на регистрацијата, евиденцијата, контролата и безбедноста на мигрантите, притоа, водејќи сметка и за внатрешната безбедност на граѓаните на Република Северна Македонија но и на регионалната и глобална безбедност, истакна тој.

Спасовски вели дека од досегашната дискусија може да се заклучи дека е нужно постојано надградување на јавните и институционални капацитети, со цел секогаш да се има адекватен одговор кој што ќе ги минимизира и амортизира можностите за креирање или прелевање на проблеми во општественото функционирање.

OhridNews