Процесот на дигитална трансформација не претставува само имплементација на нови технологии и алатки во процесите на работење, туку во својот фокус го има човекот неговите потреби со цел олеснување на секојдневните обврски, забрзување и достапност до сите услуги кои ние како јавен сектор ги обезбедуваме за граѓаните. Така што дигитализацијата сама по себе не е трансформација за технологијата, туку за човекот.

Ова го истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во обраќањето пред учесниците на Вториот глобален Самит за дигитализација на судството што од денеска се одржува во Охрид.

Министерството за внатрешни работи навремено ја увиде потребата од дигитална трансформација на општеството, а со тоа и на самото Министерство, и одговорно и динамично пристапи кон практична имплементација во трансформацијата на нашето општество во дигитално општество. Министерството за многу краток период, изработи софтверски решенија и веб сервиси кои се од сопствен развој, изработи и дава преку 93 услуги преку Националниот портал за физички и правни лица и во моментов се работи на уште 40 услуги најголем дел од нив се електронски кои се во фаза на одобрување, верификација и внесување во Националниот портал, потенцираше Спасовски.

Тој образложи дека Министерството за внатрешни работи континуирано работи и на дигитализација на своите интерни процеси. Потенцирајќи го Одделот за информатика и телекомуникации, кој како сопствен развој пред извесно време ја стави во употреба новата апликација за работа со матичен број, која, како што рече, ја сметаме за една од најкомплексните апликации во Министерството со што се овозможи поголема ефективност за вработените, помало чекање на шалтер од страна на граѓаните, како и можноста за поврзување со Управата за водење матични книги преку платформата за интероперабилност, која ќе се реализира за краток период. Исто така, во употреба е ставен и нов софтвер за работа со странски државјани и баратели на азил со што се овозможи целосно систематизирање на досегашните податоци, стандардизација во процесите на работење, како и негова целосна интеграција со системот за лични документи.

Спасовски посочи дека дигитализацијата е комплетно завршена и на друг дел на системите на МВР и тоа Националниот радио-комуникациски систем ТЕТРА комплетно награден со нов хардвер и содтвер, Центарот за опоратување од катастрофи во Прилеп кој има капацитет на резервен податочен систем за сите државни и институции од јавен интерес, Системот за видео надзор за контрола на пристап во седиштето на МВР, Системот за дигитална телефонија и Системот за бројот за итни интервенции на полицијата „192“ и неговата интеграција со системот „112.“

Министерот Спасовски констатираше дека дигиталната трансформација е фундаментална реалност на денешницата, но и на иднината, како за бизнисите, така за јавниот сектор и институциите кои мора да бидат подготвени да го дигитализираат пристапот до своите процеси и услуги имајќи ги предвид секојдневното динамично живеење и потребите на граѓаните и дека единствено во чекор со предизвиците на новото време ќе можеме да бидеме од полза на општеството и на граѓаните.

Повеќе од 200 учесници – судии, обвинители, адвокати, претставници на ИТ компании, на државните органи и институции, со присуство на гости од 32 држави на Европа и пошироко, учествуваат во работата на Вториот Глобален самит за дигитализација на судството што овие три дена ќе се одржува во Охрид.

OhridNews