Интензивирање неопходната социјална соработка и партнерство со репрезентативниот синдикат, отворање нови перспективи и можности за конкретни и поквалитетни договарања и решенија, со цел подобрување на професионалниот, социјалниот, економски статус на сите вработени во нашата институција, беа меѓу првите зацртани цели на актуелното раководство на МВР, истакна Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во поздравното обраќање на состанокот на Централниот совет на Македонскиот полициски синдикат што се одржа во Охрид.
Спасовски додаде дека соработката помеѓу синдикатот и МВР беше заокружена со потпишувањето на новиот Колективен договор, со чии што измени е направен значаен исчекор во однос на синдикалните, социјалните и професионалните права на вработените во МВР.
Со овој договор е регулирана наградата за добиено новороденче, исплата во износ од 20 отсто средства наменети за храна за ноќна работа, исплата во износ од 5 проценти на час за домашно дежурство во криминалистичката полиција, награда за ментори за успешно спроведена менторска програма, јубилејна награда во износ од половина од просечна плата за работен стаж од 10 години во МВР, истакна Спасовски.
Тој нагласи дека во изминатиот период биле преземени сериозни активности за севкупно подобрување на материјално-техничката положба на полициските службеници, изразени како во поглед на професионалната опременост на полицијата, така и во поглед на инфраструктурните услови и капацитети за работа на полициските организациони единици.
И во оваа тековна година продолживме со набавка на униформи, па специјалните единици добија повеќе комплети нова униформа. Успеавме да обезбедиме зголемување на платите за 5 отсто за 2022 година, сè со цел продолжување на процесот на усогласување на платата за припадници на МВР. Покрај ова, веќе ги исплативме трите заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови, а реализиравме навремена исплата на средства за тековните бонус плати, при што обезбедивме и средства за бонус плата за остварени над 150 часа прекувремена работа во текот на 2021 година, рече Спасовски.
OhridNews