Министерството за внатрешни работи разгледува, анализира и обезбедува докази и информации за нови аспекти кои произлегуваат од истрагата за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски за кој осомничени се пет лица, меѓу кои првоосомничен е Љупчо Палевски – Палчо, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Спасовски во гостување денеска во емисијата „Слободен печат“ на Слободна ТВ, рече дека МВР максимално посветено ќе постапува за се што Јавното Обвинителство ќе побара од нив. Тој додаде дека во истрагата за Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, МВР следело стандардни оперативни процедури.
Истрагите во двата случаи се почнати и водени според сите стандардни оперативни процедури од моментот на пријавата, па се до целосно расчистување. Морам да кажам дека полицијата ефикасно, многу брзо и посветено работеше на целиот овој случај. Сметам дека сите активности што се преземени се за почит. Сите што беа вклучени во истрагата од самиот почеток па до ден денеска, ја водат истата без штедење со цел да се разоткрие случајот и да се дознае вистината, рече Спасовски.
Министерот Спасовски воедно предупреди да не се злоупотребува случајот со убиството на Вања за политички цели.
Ова е случај кој апсолутно ја интегрира јавноста, сериозна трагедија, но исто така случај кој во ниту еден момент не треба да биде злоупотребен, за политички цели. Сметам дека се што се прави апсолутно не придонесува кон целосно расветлување на случајот. Има многу лажни вести кои се шират, теории на заговор, дезинформации, изјави Спасовски.
Тој уште еднаш повтори дека е лага дека сета полиција била ангажирана за Министерскиот самит на ОБСЕ и подвлече дека крим полицијата и одделот за насилен криминал биле максимално ангажирани во потрагата по Вања.
Тоа го кажав и сега уште еднаш укажувам, таквите шпекулации се тенденциозни бидејќи ангажманот на полицијата не престанува со организација на еден настан, ангажманот на полицијата за ОБСЕ беше под директно водство на одделот што се занимава со таа активност, а тоа е одделот за заштита на определени личности и објекти, да со помош на одделот за организиран криминал, воздухопловни единици, сообраќајната полиција, но сите други сегменти си функционираа нормално. Така што во другиот случај, одделот за насилен криминал, крим полицијата беа максимално ангажирани во потрагата по Вања, изјави Спасовски кој воедно се заблагодари на медиумските работници што објективно ја информирале јавноста.
OhridNews