Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Министерството за внатрешни работи, осврнувајќи се на заплената на нелегална марихуана од фабрики кои произведуваат масло од канабис, рече дека во тие правни субјекти мора да се зголеми надзорот и да се работи на одземање на лиценците на они кои не ги почитуваат законските прописи.
Надзорот мора да се зајакне и не смее да има ниту најмала количина што може да биде злоупотребена токму од овие правни лица. Затоа сметам дека тука сите институции коишто се задолжени за надзор, Министерството за здравство, МАЛМЕД и така натаму мора да ги зголемат човечките капацитети и тој надзор да се врши континуирано, а не да имаме надзор во момент кога ние веќе имаме сознанија за извршување на кривични дела. Надзорот треба да биде континуиран се со цел да се намали просторот во којшто ќе може да делуваат на начин кој што не е легален и мора итно да се работи на одземање на лиценците на сите тие правни лица коишто не ги почитуваат законските прописи, потенцираше Спасовски.
На новинарско прашање во врска со објавата на албанскиот медиум „Ора њуз“, во која се наведува дека функционери на СДСМ и ДУИ саботирале акција на странски агенции против шверц, министерот нагласи дека се што поседуваат како доказ треба да го достават во МВР со цел да се помогне во истрагата. Тој потенцираше дека без разлика дали станува збор за високи или ниски функционери, треба да одговараат доколку правеле криминал.
Во однос на реакциите по вчерашиот масакр врз кучиња во Струга, Спасовски потенцираше дека тој што го направил грозоморниот чин ќе сноси одговорност.
Истрагите мора да завршат, да се утврдат сите факти, аргументи и докази и врз основа на тоа да се поднесат кривичните пријави за да се носи одговорност, истакна министерот за внатрешни работи.
OhridNews