Директорот на Агенцијата за млади и спорт Диме Спасов, во интервју за МИА изјавува дека со Предлог-измените на Законот за спорт, спортските клубови од првите лиги во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка ќе се трансформираат во акционерски друштва. Тој додава дека сега истите функционираат како здруженија на граѓани на непрофитна основа и без сопственичка структура, а со измените ќе се отворат вратите и за нови спонзорства.


Со измените ќе се отворат можности клубовите да добијат сопственици, бидејќи сега сите спонзори кои вложуваат во спортските клубови немаат никаква сопственост врз нив. Ќе се отворат и вратите за нови спонзори и ќе се утврди начинот и системот на номинирање на делегати во собранијата на националните спортски федерации, вели Спасов.

Во однос на измените на законските акти кои ги побараа повеќе федераци, а се однесуваат на избегнување на царината и данокот при добивање донации од меѓународните асоцијации, Спасов истакна дека во моментов нема одредени ослободувања, но Агенцијата размислува да преземе измена на одредени законски акти за да се овозможат поголеми поволности.

Тој потенцираше дека до Владата доставиле препорака за измена на Законот за игри на среќа, со што се определуваат поголеми средства за Агенцијата за млади и спорт за поддршка на националните спортски федерации и клубови, односно од секое ливче уплатено во било која обложувалница и од сите средства кои ги наплаќа државата како данок од игрите на среќа, федерациите и клубовите преку АМС ќе добијат поголеми средства.

Тој најави дека во иднина ќе се работи на донесување Закон за млади со кој ќе бидат опфатени повеќе прашања, односно младинското организирање и формирањето национален младински совет, стипендирањето на младите и активните спортисти ќе продолжи, како и доделувањето спортска пензија за спортистите кои ја завршиле кариерата, а се очекува  во текот на 2011 година да се изградат 100 мултифункционални игралишта, како и мултифункционална сала за зимски спортови и еден базен.

Ќе работиме со интензивно темпо на поддршка на спортистите, федерациите и клубовите. Продолжуваме со поддршката на традиционалните спортски манифестации што се одржуваат во Македонија и со манифестацијата „Спортски оскар“, но и со поттикнување на лицата со посебни потреби да спортуваат, бидејќи тие за опфатени во нашите програмски активности за идната година, вели Спасов.

Ohridnews