По повод 12- ти јуни, Светскиот ден за безбедност на вода, Единицата за спасување на вода од Црвен Крст- Охрид, денес, на Градскиот плоштад ја презентираше опремата која ја користат спасителите. Освен делот од опремата за спасување, на охриѓани им беа објаснати и активностите на единицата.

“ Единицата за спасување е целосно подготвена за дејствување и кадровски и со опрема. Испратени се известувања  до сите концесионери на плажи за навремено ангажирање на спасители на вода”, потенцира Секретарот на Црвениот крст од Охрид, Антонио Додевски. “ Се надеваме дека поголемиот број од нив ќе одговорат позитивно. Од оваа година, бројот на концесионери на брегот на Охридското езеро е зголемен со концесионерите на струшкото крајбрежје, па се надеваме на интерес и од нивна страна”,  вели Додевски.


До сега се обратиле само неколку од охридските концесионери кои покажале интерес за ангажирање спасители на вода.

Согласно Законот за безбедност на капалиштата и Правилникот за уредување,  на плажа со површина до 660 метри квадратни задолжително е ангажирање на еден спасител. На плажа со над 1. 500 метри квадратни- два спасители. Нивниот број се зголемува согласно површината на плажата.

Т. К.