По девет одиграни натпревари во Супер лигата охридскиот ракометен клуб со седум победи и два порази ја заземе втората позиција на табелата. Тековната сезона е најуспешна од двете претходно откако Општината Охрид ја презеде контролата врз клубот од Охрид.
– Три години го раководиме ракометниот клуб Охрид, а оваа сезона ни е најуспешна на резултатски план. Првата година влеговме со цел да опстанеме и успеавме, во втората пласманот во плејофот ни побегна за три бодови додека оваа работите си дојдоа на свое место и на табелата се наоѓаме онаму каде што сакаме. – рече првиот човек на клубот Димитар Спасески.
Тој додаде дека резултатите не се случајни туку се правопропорционални со работењето во клубот. – Ракометниот клуб Охрид сезонава се издигна на највисоко ниво во организацијата, играчка и во финансиска смисла. Околу финансиите сакам да им се заблагодарам на сите чинители во клубот, на градоначалникот Никола Бакрачески, на бизнис заедницата на сите членови од Управниот одбор кои несебично три години не поддржуваат. Исто така сакам да ги пофалам играчите и целиот стручен штаб без кои овој клуб немаше да има вакви резултати и успеси.
„Гладијаторите“ домашните мечеви ги играат пред 1 500 – 2000 гледачи, а констатно без разлика од местото на одигрување „Рибарите“ се секогаш на трибините.
– Како клуб многу ни е мило што на нашите натпревари во „Билјанини Извори“ доаѓаа публика од секоја возраст и го препознаа нашиот квалитет и прав начин работата. Незамислив е натпревар без охридската публика и навивачката група „Рибари“ која не води во овие тешки битки за бодови во Супер лигата. – заврши Спасески.
Ракометарите на Охрид натпреварите во елитата ќе ги продолжат в сабота во 19:30 часот против екипата на Работнички.
Мх.П.