Министерот за земјоделство Ацо Спасеноски се сомнева во оправданоста на покачувањето на цената на лебот . Тој денеска во Охрид изјави дека Владата ја следи состојбата и презема мерки да се реши проблемот со понудата и побарувачката затоа што, како што рече, само така може да дојде до намалување на цената на прехрамбените производи.
„Во 2004 година пченицата се откупуваше за 10 денари а лебот беше 20 денари, во 2006 година пченицата се откупуваше за 6 денари, а лебот исто така се продаваше за 20 денари, а годинава просечната откупна цена на пченицата беше 10 денари“ рече Спасеноски.
Спасеноски денеска во Охрид го отвори 32-то меѓународно советување за заштита на растенијата што денеска започна во Охрид. Притоа тој истакна дека Македонија во целост ја има усогласено законската регулатива за заштита на растенијата со европското законодовтсво, со што на земјоделците значително ќе им биде олеснет пласманот на производите на пазарите во ЕУ.
Одговарајќи на новинарско прашање, Спасеноски изрази жалење што земјоделците од тетовско мораат по вакво време да излегуваат на улица и да си ги бараат своите права. “И претходно и сега ги предупредуваме земјоделсците дека треба да внимаваат какви договори склучуваа за пласман на нивните производи и дека е најдобро тие да се консултираат со Министерството за земјоделство за да не дојде до вакви проблеми“, рече Спасеноски.
Г. Момироски