Фестивалот на вино и сирење што веќе четири години по ред се одржува во Охрид годинава нема да го слави јубилејот, соопштија денеска на прес-конференција организаторите. Причината е неисполнувањето на ветувањето дадено од страна на министерот за земјоделство, Аце Спасеноски, дека ќе им обезбеди финасиски средства. ” Јас лично бев кај министерот и разговарав со него. Побаравме средства во висина од 200.000 денари.  Министерот вети дека по средбата ќе не информира со колку пари ќе го помогне фестивалот, но одговор од него не добивме”, рече Љуљзим Фејзулаи од регионалното здружение на одгледувачи на овци.


Според  Меџит Амити, потпретседател на Федерацијата на фармери на Македонија, по ветувањето дадено од страна на министерот, финасиската конструкција  била затворена. ” Да знаевме, навреме ќе се потрудевме да побараме финасии од други извори. Не се работи за парите, туку за несериозноста на министерството. “, објасни Амити.

Како коорганизатор, Општина Охрид си ги завршила своите обврски во врска со одржувањето на фестивалот на виното. Фармерите,  како што соопштија на прес-конференцијата  се задоволни од однесувањето и поддршката  на градоначалникот Александар Петрески. Раде Велјаноски, од општинскиот сектор за земјоделство предложи, фестивалот да влезе во програмата на Локалната.

Од неодржувањето на Фестивалот на вино и сирење,  на кој годинава требаше да учествуваат и производители на вино и сирење од повеќе европски држави, најмногу загуба ќе претрпат фармерите, за кои фестивалските денови беа одлична можност да ги продадат производите.

Александра Ристоска