Речиси сите планинари кои изминатите денови се водеа како исчезнати во снежната бура во Непал, во којашто загинаа најмалку 59 алпинисти, се спасени, соопштија непалските власти, пренесува „Макфакс“.
Околу 400 планинари се спасени во централниот непалски округ Мананг, каде што останаа заробени поради снежната бура во којашто за само 12 часа напаѓаа речиси два метра снег и ги затрупа и блокира алпинистите.
„Спасувачката операција, горе-долу, е во завршна фаза, изјавил Девендара Ламишане, висок локален функционер во Мананг, пренесува DPA.
Засега не е познат точниот број на исчезнати во најтешката алпинистичка несреќа во историјата на Непал, бидејќи тела и преживеани се пронаоѓаат во повеќе хималајски окрузи на Непал .
„Еден Новозеланѓанец и еден Непалец се спасени во Мананг. Вкупно 22 војници со помош на локалното население го пребаруваат регионот Торанг-Ла по уште единаесет исчезнати“, изјавил Ламишане. Додал дека „тројца Непалци, четири Канаѓани, три Индијци и еден Јапонец сé уште се водат како исчезнати во округот Мананг. Засега немаме информации што се случило со нив“.
Асоцијацијата на трекинг агенциите на Непал (TAAN) објави, пак, дека во планинските масиви на Анапурна и Дхаулагири се пронајдени тела на 20 загинати а дека 19 луѓе се водат како исчезнати, од кои девет во регионот Сангд во Дхаулагири и десет во долината Пу во Маманг, пренесува AFP.
Снежната бура ги погоди областите Мананг и Мустанг во непалските централни планини на Хималаи, пред пет дена по минувањето на циклонот Худхуд во соседна Индија.
OhridNews
извор:„Макфакс“