Македонската ракометна репрезентација ги заврши подготовките во Охрид каде помина седум дена и се подгтовуваше за бараж двомечот со Грција кој треба да не однесе на завршницата од Светското првенство во Катар следната година.
– Во Охрид одработивме седум дневни подготовки кои добро ни дојдоа за мало регенерирање и припрема за бараж двомечот со Грција. Нема потреба да се повторуваме ние сме фаворити, квалитетот е на наша страна, но во спортот има милион примери дека не победува подобриот на хартија туку оној кој повеќе ја посакува победа – потенцираше Ванчо Димоски.
Иако нашата селекција е огромен фаворит според пивотменот на Металург тоа треба да се преслика и на теренот.
– Ретко скоро и никогаш не сме биле фаворити во овие бараж натпревари за пласман на Светско или Европско првенство. Треба да ја искористиме оваа шанса бидејќи кикс сега би не вратил неколку чекори назад во репрезентативниот ракомет. Ние голем дел од работата може да ја завршиме в сабота во Атина, а натпреварот во Скопје да биде круна за инзводредната ракометна сезона во Македонија – додаде Димоски.
Селекцијата на Македонија последните три години е дел од секое натпреварување од Европски или Светски рамки, а еднаш беше и во квалификациите за Олимписките игри во Лондон.
– Влогог не е голем туку огромен. Некои играчи се пред крај на репрезентативната кариера, а има и такви кои сега чукаат или веќе се свежа крв во македонската селекција затоа би било добро да се задржи тој континуитет. Затоа што тоа искуство што еден спортист ќе го собере на тие натпреварување е бесценето – истакна пивотменот.
Бараж натпреварот со Грција е првиот чекор кон обезбедување на „виза“ за летните Олимписки игри во бразилскиот град Рио де Жанерио 2016 година.
– Не сакам да одам толку далеку, но секогаш треба да се верува. Како што имавме шанса за Лондон така некаде биде и за Олимписките игри во Рио де Жанерио. Треба да миниме неколку квалификациски филтери, а прво мора да ја минеме Грција – заврши Димоски.
Мх.П.