Македонската ракометна селекција со пораз од Шведска 32-20 (16-11) го започна седмото учество на Мундијалите.

„Црвено жолтите“ рамноправен ривал беа во првите 15-тина минути од натпреварот. На почетокот поведоа со 1-0 односно 2-1, а изедначено играа до половина од првиот дел кога на семафорот стоеше 9-9. Во тие моменти Македонија по исклучувањето на Пешевски остана со ракометар помалку, што Шведска го искористи за серија од 3-0 и прво водство од три погодоци, 12-9. „Викинзите“ го искористија налетот и со нови два голови дојдоа до 14-9. До крајот на првиот дел Македонија ја стабилизираше играта и не дозволи поголема негатива од пет голови (16-11).

Шведската селекција продолжи во ист ритам на почетокот од второто полувреме и се одлепи на осум голови (19-11), по кои и официјално ја отпиша Македонија од било каков резултат. Швеѓаните и покрај високото водство не застанаа, туку до крај одиграа и сосема заслужено забележаа убедлива победа, изразена со 32-20.

Селекторот Данило Брестовац и репрезентативците до мечот против домаќинот Египет, кој се игра на 16 јануари имаат малку но доволно време да се консолидираат и да променат некои работи во играта, кои не беа на потребното ниво на дуелот со Шведска.

OhridNews