Македонската фудбалска репрезентација забележа голема, сензационална, фантастична победа, совладувајќи ја Германија со 2-1 на Арената во Диусбург, во рамките од третата рунда во квалификациите за Светското првенство во Катар 2022 година.

„Црвено жолтите“ не покажаа воопшто респект кон германскиот состав, кој со пристапот и играта уште од соблекувалната ги имаше впишано бодовите. Таквата ноншалатна игра им се удри глава, затоа што избраниците на Игор Ангеловски ги оставија срцето и душата на теренот.

„Панцирите“, очекувано, го диктираа темпото на игра, но не успеаја да го скршат македонскиот бедем. Домаќините само еднаш се заканија посериозно, кога ударот на Горецка заврши во гредата. Првата шлакница Германија ја доби во судиското продолжение. Барди асистираше до Пандев, кој само ја спроведе топката во мрежата.

Германците не се поправија ниту на стартот од второто полувреме. Македонија со организира игра ја натера Германија да биде безидејна и безопасна во нападот. Со серија измени, селекторот Лев ја разбуди Германија, која почна да игра и да биде се попасна пред нашиот гол. Германија теренската иницијатива ја круниса на индивидуален потег од Сане, кој го „наседна“ Алијоски во казнетиот простор. Ударот од белата точка во погодок го претвори Илкај Гундоган.

Изедначувањето им даде ветар во грб на германците, но македонските репрезентативци не потклекнаа пред притисокот и храбро се изборија со налетот. Македонија во продолжението беше оштетана за удар од белата точка, откако рускиот судија Карасев не досуди најстрога казна по играта со рака на Чан. Сепак, фортуната и се насмевна на македонската селекција, која во 86-та минута преку Елмас, после филигранска акција на неколку репрезентаривци поведе со 1-2.

Германците не успеаја да се соземат од шокот, Македонија ја одбрани предноста 2-1 и забележа голема, можеби и најголема победа во историјата.

Браво Македонија, напред Македонија!

Мх.П.