Тоа што се шпекулираше се оствари дека македонската фудбалска репрезентација во последниот натпревар од квалификации за СП во Бразил ќе настапи без капитенот Горан Пандев.
Наполи испратил барање до Фудбалската федерација на Македонија за ослободување на Пандев од репрезентативните обврски, а куќата на фудбалот одлучила да му излезе во пресрет на струмичанецот. Викендов што доаѓа „азурите“ ги очекува дерби пресметката со Рома, која нема пораз на седум натпревари и е лидер во Серија А.
– Одлучивме да излеземе во пресрет на барањето на Наполи со оглед на тоа што ги чека дерби пресметка со Рома, а како што не информираа Пандев им е повеќе од важен за тој натпревар. Поради доволниот фонд на фудбалери од стручниот штаб засега не планираат дополнителен повик во репрезентацијата. Тоа ќе се утврди и во зависност од сериозноста на повредите на кои се жалат дел од фудбалерите – стои во соопштението од ФФМ.
Во првиот натпревар кој двете селекции го одиграа на „Филип Втори“ триумфираше Македонија со минимални 1-0, а и на тој меч не настапи најдобриот македонски фудбалер.
Мх.П.