Македонската фудбалска репрезентација со катастрофален пораз 5-1 од Србија ги заврши најлошите квалификации во своето 20 годишно постоење. „Рисовите“ имале и полоши квалификации, но, никогаш не завршиле на последното место што беше случај во квалификациите за мундијалот во Бразил.

Да одиме чекор по чекор, со доаѓањето на Чедомир Јаневски сите ама баш сите не зафати еуфорија, за која најголем виновник беше токму селекторот. Тој најави дека на мундијалските квалификации ќе атакуваме на третото место. Тогашната форма на фудбалерите кои ги бранат боите на Македонија тоа и го ветуваше.

Претходникот на Јаневски, Џон Тошак иако за многу прашања на новинарите немаше коментар одлично го имаше скроено распоредот на Македонија низ квалификациите за СП во Бразил.

Нив ги започнавме со (не)заслужен пораз од Хрватска 1-0 и храбро реми 1-1 на Хемпден Парк со Шкотска. Исто таков пораз од „коцкастите“ претрпевме и на „Филип Втори“ овој пат 2-1.

После поразот од Хрватска на домашен терен, од засега сеуште непознати причини за јавноста Горан Попов и Стевица Ристиќ беа остранети од репрезентацијата, никој не собра храброст да оболедони што навистина се случило.

Одиме понатаму. Публиката и прости на Македонија за поразите од Хрватска и Србија ја пречекавме пред полни трибини. На дуелот со „орлите“ најмногу се осети таа ефуроија која беше доведена на уште повисоко ниво откако „рисовите“ триумфираа со 1-0.

После тој натпревар апетитите пораснаа, „црвено жолтите“ одиграа три пријателски натпревари кои глатко ги добија, но следуваше двобојот со Белгија, која најмногу изненади во квалификациите и ги заврши без пораз на првото место во нашата група.

„Црвените ѓаволи“ предводени од Еден Хазард, Мароуне Фелаини, Томас Вермален, Јан Вертонген и останатите освоија шест бодови во двата натпревари. Но, на бодови од дуелите со Белгија никој да не се надеваше.

Пред македонските репрезентативци останаа уште четири натпревари во квалификациите и тоа оние најважните за тоа ветено трето место.

Селекцијата на Велс без Герет Бејл во составот немаше сила да и се спротистави на Македонија и претрпе пораз 2-1 на „Филип Втори“.

После само четири дена „црвено жолтите“ одиграа меч со Шкотска, кој требаше да биде вовед за последните две гостување. „Рисовите“ несватливо го загубија тој меч 1-2, селекторот Јаневски се караше со публиката за неговите одлуки и тоа како да беше најава за некое лошо сценарио. После тој натпревар Јаневски тивко како никој селектор до сега се повлече од функцијата и потпиша договор со Монс член на Првата лига во Белгија.

Заминувањето на Јаневски беше најголем пораз за куќата на фудбалот, македонската репрезентација и фудбалот во Македонија бидејќи се гледа и осеќа колку непрофесионално се работи во фудбалот кај нас.

Можеби селекторот бил приморан да замини од некои валкани игри кои во ФФМ за жал стануваат секојдневие, тој можеби за него ја одбра најдобрата солуција во моментот, но, репрезентацијата ја остави во небрано.

ФФМ брзо-потезно за в.д селектор го назначи Зоран Стратев екс тренер на Работнички и Вардар моментално координатор на младинските категории. И тој како сите други започна со надежни изјави дека Македонија не го заслужува последното место во групата и ќе направи се за да го избегне фенерот.

Но, тоа не се случи Македонија нанижа два порази Велс 1-0 и Србија 5-1 и очекувано заврши на последната позиција со само две победи и едно реми во десет натпревари.

Кога ќе се собере се квалификациите не беа така лоши можевме да завршиме и полошо, ако не успеевме да победиме некоја селекција на домашен терен.

ФФМ има многу работа во периодот до започнување на квалификациите за Европското првенство во Шпанија. Треба селектор, кој нема само да ветува туку и ќе направи нешто бидејќи народот полека го губи трпението и вербата во репрезентација, а тоа е нешто најболно што може да му се случи на еден национален тим…

Михаил Постоловски