Шпанската ракометна репрезентација за време на престојот во хотелот “Дрим“ – Струга била олеснета за 30 000 денари. Крадците го искористиле времето кога репрезентацијата го играше натпреварот во спортската сала во Охрид против Хрватска, да влезат во една од собите и да однесат со себе се што им се видело вредно.
Случајот го потврди и охридската полиција. Од таму велат дека на 30-ти минатиот месец во попладневните часови Лена Нереа од Шпанија која престојувала во хотелот пријавила кражба која се случила во нејзината соба бр 106 во периодот од 19-23 часот.
Според полицискиот извештај исчезнати се еден паричник со неколку шпански кредитни картички, здраствена легитимација, возачка дозвола и други лични документи, 60 евра, рачен часовник, еден прстен и една фото камера.
По три дена од пријавата на кражбата случаен минувач, жител на Струга, до хотелот Дрим ги пронашол документите и празниот новчаник но крадците и вредните работи сеуште не се пронајдени.