Вистинска драма се случувало во соблекувалните на Македонија на полувремето од мечот со Србија одигран во Јагодина. „Црвено црните“ имаа негатива од 3-0 по првите 45 минути, а најдобриот фудбалер изминатата година Агим Ибраими откри што навистина се случувало.
– На почетокот сакам да им се извинам на македонските навивачи, затоа што бев дел од селекцијата што им приреди срам во Јагодина. Тоа треба да го каже секој што се чувствува Македонец, а јас навистина ја сакам мојата родна земја и секој слободен момент го користам за да бидам во Тетово. Но, јас сум самокритичен и сметам дека единствено ние фудбалерите сме виновни за слабите резултати во овие квалификации. Во репрезентацијата нема хармонија. Поделени сме на ’кланови’, а некои си дозволуваат да диригираат и да навредуваат на теренот, наместо да гледаат и тие како играат. Ете, затоа побарав замена на полувремето, затоа што одредени фудбалери си дозволуваат да ’командуваат’, а не им е тоа работа. Немам проблем да ги слушам инструкциите на селекторот, да почитувам авторитети, но се знае кој може да коментира и да зборува на теренот, капитенот и лидерот на репрезентацијата. А, кај нас сите си дозволуваат да зборуваат, да се караат, да навредуваат. Најголем проблем е што немаме хармонија, а тоа посебно е изразено во последните неколку меча, во кои и имавме слаби резултати. А, кога има неуспеси, тогаш сите аномалии излегуваат на површина – рече за Екипа.мк, Ибраими.
Тој е најдобриот фудбалер на Македонија во мундијалските квалификации кои „рисовите“ неславно ги завршија.
– Сите ние што доаѓаме да играме за Македонија, имаме иста желба, да победуваме. И секој треба да го дава максимумот. Но, сите треба да се држиме заедно. Не треба да постојат ’кланови“ во репрезентацијата, некој да игра само затоа што е другар со некој друг. Така нема просперитет. Ете, тоа е најголемиот проблем. Инаку, сакам да ги демантирам наводите дека сум го фрлил македонскиот национален дрес на полувремето. Тоа не се случи и нема да се случи, затоа што јас со мерак и со голема желба играм за Македонија, бидејќи е тоа мојата родна земја. А точно е дека побарав да не го играм второто полувреме. Нема да дозволам некои други фудбалери, а не е тоа капитенот или селекторот, да коментираат и да навредуваат на теренот. И сите тие зборови нема да излезат од мене, ќе останат на теренот, затоа што само така можеме да почнеме да градиме репрезентација – заврши Ибраими, кој од почетокот на сезоната настапува во „Калчо лигата“.
Мх.П.