Светска фудбалска еуфорија која го зафати светот не го одмина ниту првиот човек на Охрид, Никола Бакрачески. Тој е голем љубител на фудбалот и воопшто на спортот.
– Светското првенство во Фудбал е несомнено најпопуларниот , најпосетуваниот и најгледаниот настан на планетава. Слободно можеме да кажеме дека во ниеден друг настан во спортот, вклучително и олимпијадите не провејува толкава страст и пасија како во фудбалот. Мундијалот е месец во кој луѓето живеат за фудбалот, секоја средба секој разговор, во секој дом, маало, ресторан, кафе бар, па дури и работно место се коментираат натпревари, се прогнозираат исходи, резултати, победници, се изразуваат желби за победа на своите фаворити, се навива насекаде. Но, воедно тоа е и исклучителна можност луѓето да се собираат да се дружат, да се забавуваат и да се рекреираат. Јас сум голем фудбалски фан, и за мене исто како и за поголемиот дел на светот Мундијалот ми е вистински празник за очи. Ги следам скоро сите натпревари посебно помеѓу великаните во светскиот фудбал и дерби натпреварите во рамките на моето слободно време и онолку колку што ми овозможуваат обврските – потенцираше Бакрачески.
Домашната атмосфера или добро друштво со пиво се првите два избори на Бакрачески за гледање на спортски манифестации. Но, во населбата каде што живее жители се погрижија за организирање гледање, па може и таму да му се придружи.
– Со оглед дека сакам да уживам во следење на натпреварот, најчестонатпреварите ги следам во домашна атмосфера со моите најблиски. Но планирам и дел од нив да ги следам во моето маало, каде е поставен голем видео бим за кој се погрижија моите комшии и каде во многу пријатна атмосфера со многу забава се следат натпреварите онака како што долукува на традицијата на комшискиот соживот – додаде Бакрачески.
Иако има симпатии кон Бразил и Холандија фаворит на СП за него е Германија.
– Мислам дека има многу квалитетни тимови на овој мундијал и тешко може уште од сега да се издвои фаворит. Некои се силни со своите суперталентирани индувидуалци, некои по добро организираната колективна игра, некои по својата разработена тактика на надмудрување. Мои фаворити се сепак Бразил, Германија и Холандија, а најмногу шанси би и дал на Германија – заврши Бакрачески.
Ohridnews