“Црвените ѓаволи“ со головите на Кевин де Брујен во првиот и Еден Хазард од пенал во вториот дел ги скротија “рисовите“ и ја залежаа четвртата победа во петтиот натпревар.
Избраниците на селекторот Марк Вилмотц сурово ги казнаа “рисовите“ за неискористените шанси на стартот од мечот на Адис Јаховиќ и Иван Тричковски.
Во 27-та минута Де Брујен од косо изби сам пред голот на Македонија, откако недозволив кикс направи Лазески, потоа го сочека да падне голманот Пачовски и рутински ја пласираше топката во мрежата.
Сите надежи за поволен резултат на Македонија против Белгија ги сруши Еден Хазард во 57-та минута кога во гол го претвори ударот од белата точка.
Во финишот на натпреварот избраниците на селекторот Чедомир Јаневски притиснаа, но не успеаја да го најдат патот до мрежата на сигурниот Куртоа.
Поразот од Белгија е трет за “црвено жолтите“ во квалификации за мундијалот во Бразил и остануваат на четирите бодови освоени во претходните натпревари.