Македонската женска ракометна репрезентација со одлична игра во второто полувреме, стигна до мошнне значајна победа над Бразил (26:22), со што си ги зголеми шансите за пласман во следната рунда натпревари на Светското првенство што се игра во Франција.
Без повредената Околанга која ќе отсуствива 6 месеци поради повреда на лигаментите на коленото што ја заработи на воведниот натпревар со Русија, Македонија во натпреварот со Бразил влезе со дополнителен психолошки товар дека мора да победи. Кариоките го добија првото полувреме минимално со 11:10, иако на моменти имаа предност и од три гола. Но, благодарение на одличната Тодоровска, која беше играч на натпреварот со 7 постигнати гола, најпрвин не дозволивме Бразил да се одлепи, а во второто полувреме со феноменална одбрана 5:1 направивме комплетен пресврт и натпреварот го решивме во наша корист.
„Изигравме со срце и душа за Македонија“, изјави еуфорично по средбата најдобрата ракометарка на натпреварот, Тодоровсска. Селекторот Љупчо Савевски кој на чело на репрезентацијата дојде пред само 10 дена, по натпреварот изјави: „Девојките се надминаа себеси, натпреварот го реши нашата одлична одбрана“.
Со оваа победа Македонија е на чекор до пласман во наредната фаза на СП, бидејќи до крајот на натпреварите по групи играме против аутсајдерот Австралија, а Бразил се среќава со актуелниот светски шампион Русија. Во случај на пораз на Бразил ние одиоме понатаму, а во случај на пораз на Русија ќе одлучува гол разликата поради што Македонија максимално мотивирано треба да влезе и во натпреварот со Австралија што се игра на 4-ти декември во 18 ч.
Г. Момироски