Ракометна репрезентација на Македонија останува без бодови и по два одиграни мечеви на Светското првенство во Египет. Македонските ракометари во втората рунда изгубија од домаќинот Египет, претрпувајќи убедлив пораз од 38-19 (20-6).

Избраниците на селекторот Данило Брестовац ниту пет минути не беа рамноправен ривал на Египет, кој мечот го започна фуриозно. Домаќините отворија со 2-0, а после шест минути игра на семафорот стоеше 5-2. „Фараоните“ продолжија во ист ритам додека играта на Македонија се распаѓаше во два правци. На семафорот стоеше 9-3.

Проблемите на Македонија и се зголемија после црвениот картон на Филип Кузманоски, а кулминираа со „црната дупка“ од речиси 10 минути без постигнат погодок. Египет се искористи максимално и прво се одлепи на 16-6, а првиот дел го заокружи со 20-6.

Во второто полувреме сликата не се промени. Египет ја полнеше македонската мрежа, а Брестовац им даде прилика на останатите ракометари, одмарајќи ги Лазаров, Стоилов и Митрески за одлучувачкиот меч со Чиле за пласман во втората фаза.

Пулените на Гарсија Парондо не се опуштија ниту на 15 разлика, продолжувајќи да играат во забрзан ритам, што ги одведе до заслужен триумф од 38-19.

Шебиб во репрезентацијата на Египет најпрецизен беше со осум голови, а во нашата селекција Лазаров, Маркоски и Пешевски реализираа три голови.

Последниот натпревар од првата фаза, Македонија го игра в понеделник, против селекцијата на Чиле.

OhridNews