Селекцијата на Холандија се закити со златниот медал од Светското првенство кое изминатиов период се одржа во Јапонија. Холанѓанките во големото финале ја совладаа Шпанија со 30-29 (16-13).
„Лалињата“, до титулата стигнаа со гол од пенал на три секунди од крајот на натпреварот. Една од шпанките со блок го спречи обидот за контра напад на холандскиот голман, а судиите по кратка конверзација покажаа пенал и црвен картон за шпанската ракометарка.
Финалето понуди атомски ракомет и на совршен начин го заокружи Мундијалот во Јапонија. „Црвената фурија“ подобро го започна финалниот натпревар и поведе со четири голови разлика. Холандија се консолидираше и успеа да крајот на првото полувреме да го преземе водството (16-13).
Во второто полувреме, Шпанија постепено ја анулираше предноста на Холандија. Двете селекции влегоа во неизвесен финиш и со изедначени шанси за победа.
Првата меч топка и припадна на Шпанија, но погреши, а при враќањето назад една ракометарка направи недозволив блок и судиите и доделија пенал на холандската селекција. Холандија го реализираше пеналот и го заграпчи трофејот од Мундијалот.
Во малото финале Русија со 33-28 ја совлада Норвешка и се закити со бронзениот медал.
OhridNews