Македонската ракометна репрезентација е поразена од Холандија 37:32, во 2 коло од групата Д на Светското првенство што се игра во Хрватска, Данска и Норвешка. Исходот, а и резултатот во нормални услови не би бил некакво изненадување, со оглед на квалитетот на противникот, но, за жал, на натпреварот што синоќа се одигра во Вараждин, во очи паѓаат одредени судиски одлуки кои тешко им паднаа како на играчите, така и на навивачите. Македонија одигра 20 минути со играч помалку, доби 3 црвени картони, а против неа беа досудени 12 пенали.
Овој натпрепар не наликуваше на Светско орвенство, изјави меѓу другото селекторот Кире Лазаров, алудирајќи на судиската „претстава“ во Вараждин што предизвика голем револт кај македонските навивачи кои судиите од Данска и службените лица на средбата ги испратија со скандирање „ИХФ мафиа!“
Кој губи има право да се лути, вели една народна, но искажаната лутина по мечот со „лалињата“, не смее да премине во патетика и самосожалување која ќе го исфрли тимот од колосек, дотолку повеќе што нашиот пласман во наредната фаза не е доведен во прашање.
Мора да се признае дека одигравме меч со силна репрезентација која игра супер брз ракомет чие темпо многу тешко го следевме без оглед на одредени спорни судски одлуки. Од друга страна, традиционално нашиот менталитет едноставно е таков. Една добра партија, еден добар резултат, се доволни да ни пораснат апетитите. Но, треба да ги смириме страстите, на теренот и на трибините. Потребни се бистри глави и целосен фокус за предизвиците што следат во натамошниот тек од првенството на кое ни се отвора шанса за висок пласман.
Оваа млада македонска репрезентација има перспектива, квалитет и спортска дрскост. На натпреварите на ракометниот мундијал нашите играчи ќе акумулираат искуство кое очигледно ни недостига за да го направиме потребниот квалитативен исчекор, но сме на добар пат. А тоа е најважно. Затоа умно, страстите мора да ги смириме, а енергијата да ја насочиме кон иднината која, од досега виденото, ветува.
Г.М.