Македонија ремизираше со Австрија 29:29 во возбудлив натпревар од главната фаза, што се одигра попладнево во Вараждин. Капитенот Филип Кузмановски погоди од 12 метри со звукот на сирената и ја спаси Македонија од незаслужен пораз.

Токму Кузмановски за малку ќе беше трагичар бидејќи на помалку од 2 минути до крајот при нерешен резултат 27:27 промаши пенал. Австрија поведе 28:27, Митев врати на егал, но австријците по тајмаутот реализираа, по што за Македонија останаа 4 секунди во кои Кузмановски испрати бомба која австрискиот голман Кејпер не успеа да ја одбрани.

Натпреварот беше крајно израмнет за што говори фактот дека ниту една од двете репрезентации не направи поголема предност од 2-3 гола колку што во еден момент имаше Македонија во првиот дел. Но австријците кои форсираа игра 7 на 6 се вратија резултатски во игра и во последните секунди пред паузата дојдоа во водство 14:13.

Слично се продолжи и во вториот дел. Австрија поведе со +2 и долго време ја чуваше предноста. Македонија не се предаваше и постојано му дишеше во врат на противникот. Откако израмнија црвено – жолтите успеаја и да го преземат водството, но австријците брзо израмнија. По промашениот пенал од Кузмановски се  чинеше дека Австрија е поблиску до победа, но најдобриот стрелец на првенството со неверојатен гол од далечина донесе израмнување.

Со нерешениот резултат Македонија има 2 бода, а Австрија 3. Натпреварите од нашата група ќе бидат комплетирани вечерва со мечевите Холандија (2) – Катар (0) ( и Франција (4) – Унгарија (3).

Г.М.