Македонската ракометна репрезентација достоинствено се прости од Светското првенство. Вечерва во Вараждин загубивме од Франција со 32:25, полувреме 18:14.
Македонија добро му парираше на фаворитот кој одигра речиси со полна сила. Трите промашени пенали во првиот дел не чинеа осетен заостаток на паузата. Во второто полувреме Франција продолжи во ист ритам. Нашите репрезентативци максимално се бореа и се обидуваа да парираат на фаворизираниот противник кој на крај славеше со 7 гола разлика.
Никола Митрески беше одличен на голот со двоцифрен број одбрани, а Марко Митев најефикасен во нападот со 4 гола и беше прогласен за играч на мечот.
Македонија главната рунда ја заврши како четвртопласирана, со што го освои 15 место на првенството каде допрва следи расплетот во борбата за висок пласман и медали. Франција со максимален учинок го освои првото место и заедно со второпласираната Унгарија од нашата група патуваат во четвртфиналето, Холандија заврши трета, а зад нас останаа Австрија и Катар.
Настапот на подмладената Македонија на светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка е повеќе од успешен. Остваривме две победи над Гвинеја и Катар, два нерешени резултати со Унгарија и Австрија и два пати бевме поразени, вечерва од претендентот за титулата Франција и од Холандија во крајно контроверзен натпревар кој го одбележаа судиите. Впечаток е дека оваа генерација македонски репрезентативци има потенцијал, перспектива и, што е најважно, простор за напредок кој се надеваме дека ќе го видиме на следното големо натпреварување.
Г.М.