Репрезентацијата на Данска ја совлада Франција во финалето на 28то Светското првенство, што се играше во Шведска и Полска. Вечерва во Стокхолм, пред 23000 гледачи Данска славеше со 33:29, полувреме 16:15.
Данска имаше водство во текот на целиот натпревар. Франција постојано го бркаше резултатот, но немаше сили за пресврт. Најефикасен на мечот беше Лауге Шмит со 10 голови.
За Данска ова е трета последователна титула на ракометните мундијали, што е прво такво достигнување на некоја репрезентација. За Франција, пак, ова беше седмо финале на светските првенства, а триколорите остануваат на петте освоени титули.
Бронзена е репрезентацијата на Шпанија, која во малото финале го совлада домаќинот Шведска.
Во меч за 5. место Германија ја совлада Норвешка со 28:24, додека Египет по продолженија ја совлада Унгарија со 36:35 во натпреварот за 7. место.
На 28. Мундијал учествуваше и македонската ракометна репрезентација која на крајот заврши на 27. место.
Дваесет и деветото светско првенство ќе се одржи во јануари 2025 година во Хрватска, Данска и Норвешка.
Г.М.