Владата ја создаде потребната правна основа за пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија, што е предвидено да се спроведе од 1 до 15 април наредната година од страна на Државната пописна комисија, а целиот процес ќе го следи ЕУРОСТАТ, јавува „Макфаксж“.

Ова денеска го соопштија вице-премиерот за спроведување на Охридскиот договор, Абдулаќим Адеми, министерот за правда Михајло Маневски и директорката на Државниот завод за статистика Благица Новковска.

„Владата на последната седница го утврди текстот на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, со што се создава законски основ за одвивање на пописот во април 2011 година. Ние како Влада ги презедовме сите мерки се со цел овој процес да се одвива во добра атмосфера и законски услови, со почитување на меѓународните стандарди и препораки на ЕУРОСТАТ“, рече Адеми.

Целта на Владата, како што рече тој, е во процесот да се вклучат сите институции, да се обезбеди застапеност на сите заедници, во сите нивоа и органи за попис, да се обезбеди употреба на јазиците, што ќе резултира со транспарентност, почитување на стандардите, доверба и прифаќање на резултатите од сите фактори во земјата и во странство.

За ваквата цел Владата побарала од ДЗС да испрати покана до ЕУРОСТАТ за набљудување на целиот процес.

Адеми апелираше до сите граѓани во државата да се се партизира и политизира процесот.

„Успехот на овој процес е успех на секој од нас и успех на нашата земја. Македонија мора да ги исполни меѓународните критериуми и стандарди на ЕУРОСТАТ и Владата е цврсто определена овие обврски да ги исполни до последна точка“, рече тој.

Образложувајќи го Предлог законот, министерот за правда Маневски информираше дека попишувањето ќе се спроведува на македонски јазик и кирилично писмо, а во деловите од земјата каде над 20 проценти се припадници на немакедонска етничка заедница, населението ќе може да се изјаснува по сопствен избор, на македонски јазик или на јазикот на етничката заедница.

Пописот ќе го спроведе Државната пописна комисија, во соработка со Државниот завод за статистика. Државната пописна комисија ќе биде составена од 25 члена именувани од Владата.

Првичните резултати ДЗС треба да ги објави 60 дена по завршувањето на пописот, а конечните најдоцна до јули 2011 година.

Според Новаковска, извршени се сите подготовки за успешно реализирање на оваа, како што рече, најкомплексна, најскапа и најсеопфатна активност.

Во мај минатата година е спроведен пробен попис како една од клучните подготовки за старт на официјалниот.

Како што информираше директорката на ДЗС, Новаковска, се очекува во процесот на попишување да учествуваат 18 500 лица, а проценката е дека истиот ќе чини околу 14 милиони евра.

За евентуалната застапеност на албанската етничка заедница што треба да произлезе од пописот, која беше споменувана од некои политички партии, ниту Адеми ниту Новаковска не сакаа да коментираат.

Тие апелираа да не се шпекулира со бројки, додека не се објават конечните резултати од попишувањето.

Досега во Република Македонија се реализирани вкупно осум пописи, а пописот на населението се врши на секои десет години. Последниот попис беше реализиран во 2002 година.

OhridNews
извор: „Макфакс“