Со добро одбрани композиции на Рахмањинов и Мусоргски изведени на виолончело и пијано, грчките уметници Христос Гримпас и Џорџ Емануел Лазаридис приредија вистинско уживање за љубителите на класичната музика кои вчера беа дел од публиката на „Охридско лето“.

Виолончелистот Гримпас, е задоволен од својот настап пред публиката во црквата „Света Софија“, иако, како што рече, како музичар во оркестар веќе подолг период не музицира на концертните подиуми.

Многу сме среќни и голема ни е честа со колегата Лазаридис што имаме можност да го изведеме нашиот перформанс во ова прекрасно место. Многу ми недостигаат концертите. Свирам во оркестар, но поради коронакризата не настапуваме, па така, ми недостига музиката. Што се однесува до фестивалот „Охридско лето“ можам да кажам само пофални зборови за извонреднатa организација и би сакал повторно да настапиме овде. – изјави Гримпас.

На репертоарот беа Сонатата за виолончело и клавир оп.19 од Сергеј Рахмањинов, како и композицијата „Слики од изложба“ од Модест Мусоргски што беше соло-настап на пијанистот Лазаридис.

OhridNews