Современата драма „Сам против сите“ охриѓани ќе можат да ја погледат на 14 декември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“. Tемата на оваа пиеса е борбата против анксиозноста и депресијата. Лекот за нив се наоѓа во секој од нас, само треба да го најдеме…
Целта на „Сам против сите“ е да им помогне на сите луѓе да се погледнат во огледало, да се соочат со своите стравови и да се изборат за своето место под сонцето. Анксиозноста и депресијата се најсериозни болести и најголеми непријатели на луѓето во 21-от век. Тие не бираат возраст, пол, вера или националност. Во секоја личност наоѓаат плодна почва и напаѓаат. Траат долго и полека, но сигурно ги уништуваат луѓето, праќајќи ги своите војници – разните видови страв, велат за содржината на драмата од Центарот за култура.
Проектот „Сам против сите“, истакнуваат, има за цел да ги отвори сите прашања поврзани за анксиозноста и депресијата, кои со години се кријат под тепих и за кои луѓето не сакаат да зборуваат.
Преку три индивидуални човечки приказни и судбини, авторите на овој проект ќе ги откријат дел од причините за појавување на анксиозноста, ќе понудат разни начини за соочување и борба со оваа болест и секој од нив ќе излезе како победник со својот невидлив непријател. Низ низа ситуации, дел комични за некои, дел тажни, оваа претстава е специфична бидејќи ги третира прашањата на секој човек, додаваат.
Автор на текстот е драматургот Огнен Неделковски, а во претставата играат Магдалена Ризова-Черних, Сашо Ристовски и младиот актер Димитрие Марковски.
OhridNews