Советот на етика (СЕММ) денеска во Охрид го претстави концептот на саморегулацијата во медиумите како принцип кој доведува до поголема професионалност и етички стандарди во новинарството. 

Во рамки на Советот за етика во медиумите работи комисија за жалби каде што граѓаните можат да поднесуваат претставки за непрофесионално и неетичко пишување или подготвување на емисии. Ова тело е трипартитно и во него членуваат претставници на сопственици на медиуми, медиумски организации и претставници од јавноста.

-Сметаме дека доколку луѓето се задоволни од работата на ова тело и се обраќаат до него, можат да се одбегнат непријатните ситуации кога медиумите треба да бидат повикувани на суд и тужени, а на суд, знаете, казните достигнуваат и над дваесет илјади евра и тешко дека некој тоа може да го плати. Зошто новинарите да бидат казнувани кога во Советот за етика тоа може да се реши со извинување и медијација, со извинување или со одлука која ќе биде прифатлива за двете страни.-вели претседателот на комисијата Мирче Адамчески.


Мирче Адамчески

Комисијата за жалби за период од четири месеци, колку и што функцинира, примила и разгледала четириесеттина жалби. Најмалку жалби пристигнале од граѓани, а најмногу се жалат медиуми против медиуми и политичари против медиуми, посочи Адамчески.

-Сметам дека со афирмација на ова  тело во идниот период граѓаните и невладините организиации ќе посветуваат повеќе внимание на етиката и непрофесионалноста и тие ќе се обраќаат до комисијата.– додаде Адамчевски. 

Универзитетскиот професор Сефер Тахири, комуниколог и член на Советот за етика во медиумите, смета дека ова тело ќе придонесе да се постават минимални принципи на етичност и професионални стандарди.

-Во иднина советот ќе ги зајакне своите капацитети и ќе има поголемо влијание во општеството, се со цел да креираме општествен амбиент, да се почитуваат професионалните стандарди за точност, објективност, што подразбира независно новинарство и етичките норми кои пропишуваат дека треба да се заштитуваат и човековите права на граѓаните. Битно е во моментов да дојдеме до една точка кога јавноста ќе може да ги разликува тие што се професионални новинари и тие што се во оваа професија по некоја случајност, но всушност не работат како новинари туку извршуваат некои други функции на односи со јавност, пропаганда, политички маркетинг или други форми на политичко и јавно комуницирање.- потенцира Тахири. 


Сефер Тахири

Според него медиумите треба да го поддржат концептот на саморегулацијата, бидејќи тоа е процес што ќе воспостави правила во професијата, во самата фела, без влијание на други органи или власта. 

– Се согласувам дека ова не е време на етика, но од некаде треба да се почне.- додаде Тахири.

Тој посочува дека независни медиуми се уште се идеал и дека во Македонија денес имаме полузависни или целосно зависни медиуми, објаснувајќи дека доколку некој поседува приватен медиуми може да прави што сака.

-Новинарите треба да го почитуваат кодексот при известувањето, а медиумите да ја остваруваат општествената и јавна функција, односно да ги штитат интересите на јавноста.-подвлече Тахири.

Граѓаните доколку оценат дека им се повредени одредени права преку неетично и непрофесионално информирање во медиумите, било да се работи за одреден напис, прилог или емисија во печатен, електронски или онлајн медиум, можат да поднесат претставка до комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, но не подоцна од 30 дена од објавување на написот или емитување на новинарскиот прилог или емисија. 

На презентацијата на активностите на Советот за етика во Охрид присуствуваа новинари, уредници и сопственици на медиуми, како и претставници на јавни институции и невладини организации.

OhridNews