Подигнување на степенот на безбедност и на јавната свест кај пензионерите и повозрасните лица како ранлива категорија учесници во сообраќајот и мислења за поактивен придонес за безбеден сообраќај, беа темите на работниот состанок што денес, на иницијатива на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на град Охрид, се одржа со Здружението на пензионери од Охрид и Дебарца.
Како што истакна Стефан Димоски, претседател на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на град Охрид, пензионерите се специфична категорија учесници во сообраќајот не само поради возраста и бројноста туку и поради фактот дека во сообраќајот, пензионерите се во улога на пешаци, велосипедисти, возачи на патнички моторни возила но и на трактори и друга работна механизација, посебно во летниот период.
– Оттука, потребно е поголемо внимание на оваа категорија учесници, пред се во однос на континуираното едуцирање и запознавање со сообраќајните правила и прописи а со тоа и избегнување на сообраќајните незгоди во кои повредени или жртви се пензионерите, потенцира Димоски кој најави превентивни и едукативни проекти поврзани со зголемување на безбедноста на пензионерите.
Ѓорѓи Трпчески, претседател на Здружението на пензионери од Охрид и Дебарца, потенцирајќи дека ваква средба за првпат се иницира од Општинскиот совет за безбедност, посебно нагласи дека мислењата и сугестиите на пензионерското здружение треба да бидат релевантни за подобрувањето на безбедноста и безбедносната култура кај пензионерите. Тој наведе одредени искуства, сугестии и предлози за намалување на ризиците од сообраќајни незгоди и последиците по животот на пензионерите. Трпчески додаде дека пензионерите се одговорни но дека сепак, потребна е уште поголема дисциплината и внимателност во сообраќајот, со што би биле добар пример за помладите генерации.
На денешниот работен состанок, покрај членови од Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и претставници на Здружението на пензионери од Охрид и Дебарца, учествуваа и полициски службеници од охридската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај.
OhridNews