Советот за безбедност и предложи на Владата да прогласи кризна состојба на територијата на цела држава во траење од 30 дена поради состојбата со коронавирусот во земјата, соопшти денеска претседателот Стево Пендаровски. Кризната состојба е законски регулирана и, меѓу другото, опфаќа вклучување на Армијата како поддршка на полицијата, како и на приватните здравствени установи во справувањето со Ковид-19.

Значи не се работи за национализација, па имаме нов газда и тој како сака. Не, државата ќе се јави евентуално во улога на менаџер во овие 30 дена. Значи за секоја услуга ќе се компензира од државата, затоа што се користат приватните ресурси, да нема забуна околу тоа. Законот тоа го кажува не повеќе од 30 проценти од пазарната вредност, истакна претседателот Пендаровски.

Шефот на државата оцени дека состојбата во земјата со Ковид-19 е исклучително сериозна. А состојбата не е поинкава, како што рече и во буквално сите земји и во Европа и светот, далеку полоша од пролетниот бран по бројот на заразени и починати.

 

Во делот на ангажманот на Армијата, ние ќе ги следиме барањата на Кризниот штаб, кога ќе се декларира кризна состојба. Таму каде што тие ќе декларираат поддршка на полицијта и на здравствените власти, таму ќе помагаме, рече Пендаровски.

Втората битна разлика, како што кажа, е во законската можност Владата да управува со ресурсите на органите на државната управа, на јавните претпријатија, на општините на Градот Скопје, но тука вклучувајќи ги и трговските друштва, во овој случај и приватните здравствени установи.

Премиерот Заев најави дека прогласувањето на кризна состојба на територија на целата држава би можело да се случи најдоцна утре вечер, а можеби и порано, Заев појасни дека прогласувањето на кризната состојба не е повразно со ограничување на движењето на граѓаните, туку со полесно менаџирање на сите ресурси во државата во справување со пандемијата поврзана од коронавирусот.

Владата и институциите се целосно подготвени на овој чекор. Сега по носењето на одлуката на Советот за безбедност се враќам во Владата и ќе дадам наредби на Управувачкиот комитет кој треба во најбрз рок да предложи до Владата прогласување кризна состојба. Најдоцна утре вечер ќе одржиме седница на Владата. Ако бидат подготетвени сите институции од формално-правен аспект ние сме подготвени верчерва или најдоцна утре вечер да прогласиме кризна состојба, рече Заев во изјава по завршувањето на седницата на Советот за безбедност.

Тој истакна дека иако засега не се размислува за полициски час или било какво затворање, тоа како можност не е исклучено.

Тоа е во надлежност на Комисијата за заразни болести. Моја должност е да ги информирам граѓаните дека кризната состојба нема никаква врска со полициски час, таа не го регулира или ограничува движењето на граѓаните. Останува препораката по 21 часот да не се движиме освен ако имаме некоја неопходна потреба, да ги почитуваме сите мерки, особено оние за лична заштита. Очекуваме луѓето да ја почитуваат сама по себе кризната состојба. Кога се прогласува кризна состојба има дебели причини зошто тоа се прави, рече премиерот заев.

Премиерот појасни дека кризната состојба овозможува подобро менаџирање на сите ресурси.

Кризната состојба му дава управувачки дел на Центарот за управување со кризи и директорот кој го води Централниот кризен штаб, а се формираат и општински и локални кризни штабови во сите 80 единици на локална самоуправа. Со самото тоа се добиваат дополнителни надлежности за управување со сите државни и приватни ресурси во државата кои беа споменати за да се искористат сите капацитети во државата. Зошто Советот ова го предложи затоа што менаџментот на кризата, бројките насочуваат кон потреба од менаџирање на физичките капацитети во болниците и човечки преку медицинскиот персонал. Наместо како досега само во јавното здравство ќе може да се располага и со приватното здраство со една единствена цел да имаме доволно и човечки и физички капацитети, односно легла болници и слично, рече Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека периодот е навистина критичен. Очекува бројот на новодијагностирани со Ковид-19 да биде линеарен. Но, како што рече, не очекува критичен период во кој ќе има потреба од болнички капацитети.

Тоа се случува насекаде во регионот и има огромен пораст на новозаразени и на смртни случаи, иако има рестриктивни мерки. На располагање ќе бидат и капацитетите на сите приватни болници и клиники, како и кадарот кој таму работи. За кратко време ќе направиме проценка со се што се располага и во таа смисла заеднички со нашите државни капацитети ќе направиме и план за работа, истакна министерот за здравство.

Во врска на подготвеноста на клиниките за нови пациенти, министерот Филипче појасни дека два ката од зградата на Интерните клиники се речиси исполнети, а се подготвува и уште еден кат каде се наоѓаат одделенијата за оториноларингологија и за офталмологија, кои од утре треба да се стават во функција. Посочи дека целокупниот кадар е практично на стенд бај и во координација со одговорните, дел од директорите на Интерните клиники се прават распореди за дежурства и за функционирање во следнит период.

Сосема доволен број слободни кревети може да се стават во функција во ГОБ „8 Септември“, која ја задржа и својата вообичаена работа. Иницијално предвидениот број кревети близу 80, 90, веќе се пополнети, но може во следниот период согласно овој огромен притисок кој го имаме во изминатите денови, да запре тој систем „МојТермин“ и таму да се сместат уште повеќе пациенти. Значи целосна мобилизација, секојдневна координација, спремни сме и други клиники да ангажираме, тоа се дел од хирушките за што веќе имавме состанок. Веќе се прави интерен план заедно со повеќе директори на Хирушките клиники. Тоа би бил следниот чекор. Ќе направиме целокупен план кој ќе ги вклучи сите ресурси, додаде Филипче.

Г.М.