Министерството за животна средина и просторно планирање ја смета за неоснована и штетна реакцијата на охридскиот Совет, кој деновиве побара УНЕСКО да биде информиран за начинот на кој се уредуваат плажите на Охридското Езеро.
Години наназад во недостиг на мудрост и полемика , различни центри со неподнослива леснотија се повикуваат на нарушување на статусот на УНЕСКО на Охрид и Охридското Езеро , без притоа да имаат реална основа, изјави за ohridnews, Дејан Паноски, државен секретар во министерството за животна средина и просторно планирање. Токму заради тоа , вели Паноски, ние не треба да се плашиме со статусот УНЕСКО туку да се плашиме од сопствената кусогледост и политичка и човечка малициозност која се темпира секогаш кога за Охрид се сака да се направи нешто добро.
„Министерството за животна средина и просторно планирање во проектните документи за уредување на плажите вгради силна компонента за заштита на средината и ќе бара стриктно таа да се почитува а во спротивно нема да даде согласност за нивна употреба“, вели Паноски .
Според него, денес животната средина сепак се базира на принципот на одржлив развој па затоа и инвестициите во животната средина се добредојдени. „ Притоа треба само да го погледнеме фактот за реалната состојба на според проект уредените плажи и состојбата на истите пред една година кога плажите преставуваа очајни депонии“, посочува Паноски . Сепак, вели тој, животната средина треба да се уредува и унапредува токму во функција на одржливиот развој и секако притоа не смее да дојде до нејзино загрозување .
Охридските советници обвинуваат дека со изградбата на плажите и платформите во вода и со сечење на трската, се уништуваат природните вредности во литоралниот дел на Охридското Езеро, додека МЈП Проаква предупреди дека дел од плажите се градат врз главен цевовод со што се загрозува водоснабдувањето на југоисточното крајбрежје, но и изградбата на колекторот. Поради ова тие побараа општинската администрација да ја извести канцеларијата на УНЕСКО за случувањата на охридското крајбрежје, како и да се реафирмира договорот потпишан со минатата влада според кој со плажите требаше да стопанисува локалната самоуправа.
Г. Момироски