Под притисок на жителите од МЗ Стар град и сопствениците на ноќните клубови, Советот на општина Охрид ја одложи расправата по предлог одлуката за продолжување на работното време на угостителските објекти, за што требаше да се расправа на денешната 28 седница.
Жителите од МЗ Стар град бараат советот сериозно да го земе во предвид извештајот што го изготви РЗЗЗ, во кој се наведува дека граѓаните од овој дел на Охрид се изложени на бучава поголема од дозволената , особено во ноќните часови. Сопствениците на ноќните клубови пак со свои аргументи. Тие сметаат дека со продолжување на работното време на кафетериите се создава нелојална конкуренција во угостителството.
Дел од жителите на МЗ Стар Град
Дел жителите од стариот дел на градот денеска дојдоа пред општинската зграда и присуствуваа на седницата на Советот. “Ние не сме против работата на угостителските објекти, но не може да се продолжува нивното работно време без претходно да бидат преземени мерки да се заштити граѓанството од штетната бучава што произлегува од продолжувањето на работното време на угостителските објекти“, вели д-р Перчо Бачев, жител во центар.
“Одлука за продолжување на работното време на угостителските објекти градот може да донесе, но дури откако согласно укажувањето на Министерството за животна средина , ќе се формираат инспекциски служби и се направи комплетен елаборат кој ќе ја третира бучавоста“, вели д-р Бачев. Мерењата во стариот дел на градот изврешени минатото лето регистрираат бучавост во ноќните часови во затворена просторија од 6 до 37 децибели, што е далеку од законски дозволениот лимит, предупредува Бачев.
Илче Џепароски, од здружението на ноќни клубови вели дека сите ноќни клубови ги исполнуваат строгите стандарди за работа и не предизвикуваат бучавост поголема од дозволената. Проблемот е во кафетериите кои не ги исполнуваат тие услови, вели Џепароски.
Тој вели дека ноќните клубови се изиграни бидејќи плаќаат лиценци од 4000 евра, а кафетериите работат еднакво со нив. “Никаде во Европа кафетериите не работат подолго од 23ч. Не треба никој да се плаши доколку кафетериите затворат на полноќ ќе пропадне туристичката сезона, зошто ноќниот живот ќе продолжи во ноќните клубови кои ги исполнуваат сите законски услови за вршење таква угостителска дејност“, рече Џепароски.
Инаку, Советот на општина Охрид, на 28-та седница ја одложи расправата и за донесување ДУП за У.Е 7 и Пештани. Затоа пак експресно беше донесена програмата за работа на Советот во 2007г. и беше усвоена информацијата за проектот АМПЕП.
Советот донесе одлука да формира комисија која треба да ја разгледа состојбата во МЈП “Проаква“ откако струшкиот совет неодамна покрена иницијатива за раздружување. Најавите се дека Проаква ќе се дели на три посебни јавни претпријатија, “Водовод“ – Охрид, “Водовод“ Струга и државно јавно претпријатие за стопанисување со колекторот.