Членовите на општинскиот совет денеска ќе ја одржат 61-та седница која е и последна во оваа година.Седницата ќе започне во 11 часот, а на дневниот ред се 43 точки.

На работните маси од советниците ќе се најдат предлог-буџетот на општината за 2009 година и предлог-одлуката  за негово извршување.

Советниците ќе расправаат и по програмите за заштита на животната средина, за поставување урбана опрема,  за изградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води во периодот од 2009 до 2011 година, како и за  изградба на системи  за водоснабдување.

На дневен ред се и програмите за изградба на сообраќајна сигнализација, за комуналните услуги, за одржување на локалните улици, за јавната чистота и осветлувањето, за уредување на градежното земјиште, како и за изработка на урбанистички планови. Овие програми се предвидени за идната година.

Советниците треба да се произнесат и по уште неколку програми за 2009-та, меѓу кои оние за образованието и детската заштита, за социјалната заштита, за невладините организации, за спортот и културата.

Градоначалникот Александар Петрески ќе предложи намалување на општинските даноци, а советниците, меѓу другото треба да се произнесат и по предлог-одлуките за донесување Детален урбанистички план  за УЗ 1 дел од УБ 1.3. опфат 1 општина Охрид 2007-2012, нацрт -детален урбанистички план  за УЗ 12 дел од УБ 12.4 2008-2013 како и за утврдување  Детален урбанистички план  за УЗ 6 Уб 6.2 општина Охрид 2008 -2013.

Неколку точки се однесуваат на развојот на туризмот во Охрид, а помеѓу обемниот дневен ред е и предлог-одлуката за  подигање спомен-обележје на Христо Узунов.

Ohridnews