Советот на Европската Унија објави заклучоци за Македонија, во кои повикува итно да се реши политичката криза во земјата, објави „Вест“.

Во заклучоците е изразена сериозна загриженост за влошената ситуација, особено во делот за владеење на правото, основните права и за слободата на медиумите. На официјалната веб страница на Советот на ЕУ стои: “Во интерес на граѓаните, демократијата, владеење на правото и на политичката стабилност, Советот ги повикува политичките лидери за брзо решавање на овие проблеми”.

Советот повикува “сите страни да ги исполнат своите одговорности и да преземат итни мерки насочени кон одржливо решение, конструктивно да се вклучат во рестартирање на политичкиот дијалог и за враќање на довербата во институциите, со соодветни политички чекори. Сите тврдења треба да се испитаат од надлежните органи, вклучувајќи ги и наводите за потенцијални криминали во објавените материјали, почитувајќи ги принципите на независност и пресумпција на невиност”.

Советот ја поздрави вклученоста на Европскиот парламент во разговорите меѓу владини и опозициски партии, повикувајќи ги да се фокусираат на решавање на моменталната политички криза што е можно побрзо.

“Ја потврдуваме нашата посветеност, вклучително преку редовното известување од Комисијата и на ЕЕАС за ситуацијата во земјата и за нејзиниот евроинтегративен напредок, и во согласност со заклучоците од 16 декември 2014 година, Советот ќе се врати на ова прашање во текот на наредните месеци”, стои во заклучокот на Советот на ЕУ.

OhridNews

Извор:„Вест“