Советот на Општина Охрид на продолжението шестата седница што се одржа денеска, едногласно донесе одлука за изградба на споменик на Св. Наум Охридски кај рибниот ресторан во центарот на градот.

– Се радувам штом оваа одлука ќе ја донесеме со консензус. Идејaта е од 1992 година со која се предвидува во центарот на Охрид да се направи духовен триаголник кој ќе го одбележат еден од најважните периоди во историјата на македонскиот народ, истакна градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

Тој посочи дека во косултација со МАНУ и други експерти за поставување на споменикот на Св. Наум Охридски  избрана е локацијата кај рибниот ресторан.

– Сите три споменици имаат иста поставеност и гледаат кон манастирот Св. Наум. Претходно во центарот на Охрид беа поставени споменици на светите браќа Кирил и Методиј и на Св. Климент. Со донесување на оваа одлука се отвара можност во 2010 година достојно да се одбележи 1100 годишнината од смртта на Свети Наум Охридски, додаде Петрески.

Градоначалникот посочи дека идејата не е на пратениците Цветко Грозданов и Александар Николоски, туку е постара и не треба никој  да ја присвојува, туку напротив сите треба да ја поддржат.  Петрески смета  дека во време на економска криза не треба да се трошат буџетски средства за изградба на споменикот на Св. Наум Охридски, туку тоа да се направи со помош на спонзори-донатори.

– По распишување на конкурсот за идејно решение треба да бараме донатори за изградба на тој споменик и сигурен сум дека ќе успееме во тоа без да ги трошиме парите на граѓаните, додаде Петрески.

Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Борче Стефановски, укажа дека идејата  за изградба на споменикот на Св. Наум не треба да се политизира.

-Идејата е наша на сите охриѓани и не треба да се политизира, рече  Стефановски.

Советникот Дејан Панвоски упати признание и честитка до сите кои ја поддржале  иницијативата за подигнување на споменикот на Св. Наум Охридски, кој според него ќе отвори нова димензија.

– Овој споменик е важен за Охрид за да му ја врати духовноста на градот која е разнишана последните години и да поттикне нови добри дела кои недостасуваат. Изградбата на споменик на Св. Наум ќе придонесе и во развојот на туризмот и затоа треба до спомениците на светителите да се постави по една информативна плочка за да можат посетителите да се информираат за делата на големите светители, истакна Пановски.

Ohridnews