Кафетериите и рестораните во летната туристичка сезона ќе работат до 2 часот по полноќ, а ноќните клубови до 6 наутро одлучи Советот на општина Охрид, кој ја намали цената на лиценцата за работа на кабареата од 4000 на 2500 евра годишно.
Советот го искористи своето законско право и го зголеми работното време на угостителските објекти за еден час, кое пак директно влијаеше да ја намалиме и цената на лиценците за кабареата на 2500 евра бидејќи продолженото работно време на кафетериите ќе влијае на нивната работа, објасни претседателот на комисијата за туризам, Спирко Николоски.
Инаку Советот експресно за помалку од еден час ја одработи 35 седница на која беше усвоена програмата за борба против болести на зависност, извештајот за работата на ЈП Охридски комуналец за првото тромесечие, како и информацијата за реализација на ставката од Буџетот за дезинфекција ,дезинсекција и дератизација.
Од дневен ред беа повлечени одлуката за измена на режимот на сообраќај во летната сезона, извештаите за работата на МЈП Проаква и одделението за комунален развој, како и одлуката за измена на одлуката за спроведување на урбанистичките планови.
Г. Момироски