Советот на општина Охрид на вонредната седница што се одржа денеска едногласно ја усвои Декларацијата за заштита на Охридското Езеро, што беше единствена точка на дневен ред.


Во Декларацијата Советот ја изразува својата загриженост за повеќегодишното ниско ниво на водостојот на  Охридското Езеро, штетната близина на магистралниот пат Охрид – Св. Наум до езерото и сообраќаниот хаос, наглото зголемување на пловни објекти кои користат нафтени деривати, загрозување на екосистемот со уништување на трската и нејзиното неконтролирано ширење и депонирањето на цврст отпад на крајбрежјето. Советниците исто така изразуваат загриженост и поради лошата состојба на пристаништата и каналот Студенчишта, безредието и неуреденостстана манастирскиот комплекс Св. Наум, нарушената автентичност на крајбрежјето и литоралниот дел со изградба на објекти без соодветна дозвола, како и за загадувањето на Охридското Езеро во делот од Лагадин до Свети Наум со отпадни води.


Декларацијата е испратена до претседателот и на државата, премиерот, Министерството за транспорт и врски и за животна средина и до други надлежни институции од кои се бара да се преземат мерки за заштита на Охридското Езеро. Советот од надлежните државни институции бара да се заложат за дислокација на магистралниот пат Охрид –Свети Наум, да се доизгради колекторскиот систем и да се воведе ред во урбанизацијата и користењето на плажите и крајбрежието на Охридското Езеро.


Зошто претставникот на локалната не реагирал на состојбите со плажите?
-Ранко Велјаноски – ВМРО НП

Во дискусијата која претходеше на усвојувањето на Декларацијата, советникот Ранко Велјаноски побара објаснување зошто членот на државната комисија за издавање на плажите под концесија од редовите  на локалната самоуправа не реагирал на одредени состојби и неправилности воочени на одредени плажи. Наспроти ваквото мислење, советникот Љупчо Нечкоски побара да се направи јасна разлика помеѓу тие кои ги почитуваат договорите за закуп на плажите и поединци кои отстапуваат од нив. Според него со издавањето на плажите под концесија туризмот и градот добија многу и не е коректно поради поединци сите концесионери да се ставаат во ист кош.


Со уредувањето на плажите доби туризмот- Љупчо Нечкоски ЛП

Донесувањето на Декларацијата го поздрави експертската јавност. Според проф. Здравко Крстаноски од Хидрониолошкиот институт, Декларацијата ги опфаќа сите жешки точки но таа нема да промени ништо доколку не се имплементира. Особено, рече тој, треба да се обрати внимание на намалениот водостој на Охридското Езеро и и испуштањето на водата од него за потребите на електросистемите кое според него треба соодветно да се регулира.


Декларацијата не значи ништо ако не се имплементира
-проф. д-р Здравко Крстаноски

Г. Момироски