Советот на општина Охрид да одржи итна седница на која ќе се самораспушти, побара независниот советник Петре Петрески – Калимеро. Причина за ваквото барање на советникот Петреки е одлуката што Советот ја донесе на минатонеделната седница за измена во Деталниот урбанистички план-ДУП за Урбана единица 7, модул 1, со која се опфаќа и спорната зграда на ГП Трим која отстапува во висина и габарит, поради што градежната инспекција во септември 2005 година донела решение за уривање.
Советот во овој состав веќе нема ниту морален ниту политички кредибилитет да ги штитат интересите на граѓаните, поради што Советот и Градоначалникот треба да се самораспуштат, рече Калимеро, кој побара од своите колеги јавно да кажат кој ги притискал при донесувањето на одлуката за измена на ДУП.
П. Петрески – Калимеро
Самораспуштање побара и ОК на ВМРО ДПМНЕ, од каде најавуваат дека ќе ги преземат сите законски мерки за да ја спречат легализацијата на спорната зграда на Туристичка. Според законот за градење носењето на измена на ДУП не значи легализација на дивоградбата иако е тоа пракса последните години кај нас. Тоа значи дека е донесен само нов ДУП, меѓутоа во рамките на своите ингеренции и градоначалникот и министерствата за транспорт и врски и за локална самоуправа можат и мораат да ја спроведат претходно донесената одлука за уривање на дивоградбата, рече претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Владо Стефаноски.
д.р Владо Стефаноски
Од СДСМ не се согласуваат со предлогот за самораспуштање на Советот. Треба најпрво советниците да излезат и јавно да кажат дали и кој ги уценувал во врска со донесувањето на Деталниот урбанистички план – ДУП за Урбана единица 7, модул 1, рече координаторот на советничката група на СДСМ, Бранко Трпчески. Тој рече дека не знае како гласала неговата советничка група на седницата бидејќи гласањето било тајно. Тој смета дека одлуката е донесена законски и дека Советот не е институцијата кај која треба да се бара одговорност околу евентуалната легализација на дивоградба.
Советот на општина Охрид на 30 седница што се одржа минатата недела со тајно гласање, со 14 гласа за и 9 против ја усвои одлуката за измена на Деталниот урбанистички план-ДУП за Урбана единица 7, модул 1 со која во просторот се вклопува и спорната зграда на ГП Трим на бул. Туристичка, која од планот за градба отстапува за 2 ката.