Советот на општина Охрид на 56-та седница што ќе се одржи денеска ќе го задолжи градоначалникот од Министерството за транспорт и врски, да побара информација за извршување на обврските од договорот за концесионирање со плажите.

Причина за ваквото барање е сомнежот деке дел од концесионерите не ги почитуваат одредбите од договорот склучен со ресорното министерство. Иако се обврзани најмалку половина од плажите да бидат слободни, дел од закупците поставуваат лежалки на целата површина од плажата. Исто така дел од нив имаат изградено платформи во езерските води, а други плажите ги имаат заградено со големи ѕидови, обвинуваат советниците од ВМРО НП кои ја покренаа иницијативата.

На дневен ред на денешната седница ќе се најде и информацијата за состојбата со бучавоста во Охрид, а ќе биде разгледувана и програмата за поддршка на локалниот економски развој на општина Охрид за  периодот од  01.01.-30.06. 2008 год. Пред советниците ќе се најде и предлог одлуката за усвојување на  извештајот за работењето  на Одделението за даноци и комунални такси и предлог одлуката за усвојување  на     Извештајот за  јавна безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата.

На седницата на која на дневен ред има вкупно 31 точка ќе се најдат и неколку одлуки од сферата на урбанизмот и образованието.

Ohridnews