Советниците сметаат дека првата година од мандатот на Советот е успешна, но воедно истакнуваат дека можело да се направи и повеќе. Велат дека 2009-та  била кризна година и дека тоа се одразило и врз севкупното живеење во Охрид. Изразуваат надеж дека 2010-та ќе биде поуспешна и дека ќе се подобри работењето како на Советот, така и на општинската администрација.

– 2009 година на политички план ќе ја паметиме по тоа што беше изборна година. Граѓаните на Општина Охрид на локалните избори, избраа старо – нов градоначалник и нов Совет. Само за седум месеци Советот  има одржано единаесет седници, тоа не е мала бројка со оглед на фактот што сите седници беа успешни и конструктивни. Врз основа на ова оценувам дека 2009 година, за Советот на Општина Охрид помина успешно, вели Душко Јаковчески, претседател на Советот на Општина Охрид.

Според него светската економска криза битно влијаела врз работењето на Советот и на Општината. „Но,  според тоа што во 2009 година предвидениот Буџет е реализиран  околу  91 %, сметам дека и покрај финансиската криза, 2009-тата за  Општина Охрид, беше успешна буџетска година“, додава Јаковчески.

Тој изрази очекување дека Советот во 2010 година ќе функционира успешно и  во интерес на граѓаните. „Се надевам дека во 2010-тата година ќе се надминат сите препреки и проблеми и дека истата ќе биде многу поуспешна од 2009-тата“, истакна Јаковчески.

Јоне Станкоски-советник од ВМРО-НП вели дека 2009 година сите ќе ја паметиме како кризна година.

– Исто така 2009 година е важна и поради тоа што беше изборна година, во која охриѓани му ја дадоа подршката на старо-новиот градоначалник. Новоформираниот Совет, до сега има донесено голем број важни одлуки за Охрид, па врз основа на тоа оценуваме дека истиот успешно ја помина 2009-тата, вели Станкоски.

Тој изрази надеж дека 2010 ќе биде година во која што сите ќе имаат повеќе  позитивна енергија и успешно ќе се справат со сите предизвици кои ги носи секојдневието.

– Да се надеваме дека и материјалната положба на граѓаните значително ќе се подобри и дека конечно ќе заборавиме на финансиската криза. Очекувам дека и на политички план 2010 ќе биде многу поуспешна од претходната година, од аспект на работата на охридската општинаска власт, рече Станкоски.

Според Дејан Пановски – советник од  ВМРО-ДПМНЕ,  Советот на Општина Охрид во 2009-та не успеал да ја одигра улогата на прв орган на локалната власт .

– Без иницијативи од мнозинството, без широка програма, Советот се загуби во притисокот наметнат од вториот орган на локалната власт. Опозицијата се обиде да се спротистави но се уште пречка ни беа неискуството и недоволната координација. Локалната власт нема идеја ниту во Буџетот и програмите за 2010та. Се надевам дека искуството сепак ќе придонесе за поинаква слика во годината што започна вели Пановски.

Тој очекува во 2010 во Охрид да проработи, како што вели, критичката мисла.

– Да се отвори дискусија за кризата на Охрид, да се создадат капацитети кои тоа ќе го разберат, а не речникот да им остане на ниво на навреди. Охрид мора да се отвори, да почне капитално да размислува . Тоа е надежта, вели Пановски.

Верица Хајба – советник од редовите на НСДП, вели дела после локалните избори во 2009-тата, Советот се соочил со мал проблем околу конституирањето.

– Поради тоа потребно беше и еден период додека ние советниците се усогласивме и додека започнавме во вистинска смисла да ја обавуваме задачата која ни ја доверија граѓаните. Но и покрај тоа сметам дека Советот успешно ја помина 2009-тата година и успеа да донесе голем број одлуки кои се значајни за Општина Охрид, рече Хајба.
 
Таа изрази надеж дека 2010-та ќе биде многу поуспешна од претходната.

– Сметам дека ќе се надмине светската економска криза, а Општината и граѓаните нема да се соочуваат со финнсиски проблеми. Исто така буџетот, што Советот на општина Охрид го донесе за оваа година, дава простор за остварување на голем број развојни програми за Охрид, особено во сферата на туризмот. Според тоа очекувам оваа година да биде многу поуспешна туристичка година за Охрид, истакна Хајба.

                                    Е.Е.