Советот на Општина Охрид на наредната седница ќе треба да ја усвои Декларацијата за заштита на Охридското Езеро која ќе биде проследена до Владата, Парламентот, Претседателот на државата, но и до канцеларијата на Унеско.
На денешната 56-та седница советниците изразија загриженост за Охридското Езеро. Тие сметаат дека дел од концесионерите не ги почитуваат договорите за закуп и со изградбата на бетонски столбови, платформи и друга опрема и со тоа не само што создаваат непријатна слика за Охрид туку и го уништуваат животинскиот и растителниот свет во езерото.
Советниците денеска побараа од Министерството за транспорт и врски да направи ревизија на договорите и да ги среди состојбите со нарушувањето на езерскиот еко-систем.
Советот бара државата да го заштити Охридското Езеро
Оваа точка од дневниот ред предизвика најмногу дискусии, додека останатите беа усвоени без поголема расправа. Меѓу другото, денеска беа усвоени и неколку предлог – одлуки од урбанистичката сфера. Советниците дадоа согласност на Статутот на Јавното претпријатие за изградба, одржување и користење на спортски објекти и јавни простори, за воспоставување јавно-приватно партнерство , но и за формирање паралелки со помалку од 25 ученици. Беа разрешени и именувани членови на училишните одбори во средните училишта во општинава.
Александра Ристоска